Утрински Весник
Македонија

Мицкоски повикува на национално единство откако претходно се испокара со пола коалициски партнери

Hristi An Mickoski.jpg

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски синоќа од митингот во Охрид повика на мораториум на нападите кон политичките партии Левица и ЗНАМ нудејќи создавање на национално единство. 

ВМРО-ДПМНЕ и претходно во деновите на кампањата за претседателските избори не се занимаваше со кандидатите на Левица и Знам, но очигледно Мицкоски го чекаше стартот на кампањата за парламентарните избори за тоа да го официјализира. 

Ретки се моментите кога некој лидер на политичка партија особено главната опозициска повикал на воздржување од напади и нудел национално единство. 

Но дали е Мицкоски вистинскиот човек за таа работа, имајќи го предвид неговото досегашно однесување кон оние кои го поддржуваа и со кои соработуваше?

По убедливата победа на локалните избори во 2021 година, Мицкоски направи обид за создавање на ново парламентарно мнозинство. 

Но од таквиот обид остана само фотографијата на Мицкоски со лидери на партии и пратеници за кои претходно, Мицкоски најблаго кажано, немаше баш добри зборови. 

Соработката со Левица во Советите на општините требаше да донесе нов мобилизирачки момент во ВМРО-ДПМНЕ, но по само неколку месеци, Левица и ВМРО-ДПМНЕ целосно се разотидоа на различни страни, а потоа често пати влегуваа и во јавни конфронтации околу тоа кој бил вистинска опозиција а кој соработувал со власта. 

Таквото „раздружување“ меѓу ВМРО-ДПМНЕ и Левица, коиндицира со кавгите меѓу Мицкоски и градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска. 

Нивната соработка траеше едвај една година а се растури откако Арсовска обвини кадри на ВМРО-ДПМНЕ дека сакале да наместат тендер за пречистителна станица. 

Откако „пукна тиквата“ меѓу Мицкоски и Арсовска во јавноста тие почнаа да излегуваат со детали од нивната комуникација, а Арсовска обвинуваше и дека Мицкоски лично и се заканувал.

Слично се заврши и соработката со партијата ГРОМ и Стевчо Јакимовски кој исто така во јавноста излезе со непријатни детали за тоа какви притисоци вршел Мицкоски врз градоначалниците што тој сметал дека се „негови“.

Но освен надвор, Мицкоски има свои проблеми и внатре во партијата особено по повторното кандидирање на професорката Гордана Силјановска Давкова за претседател на државата, но и при создавањето на пратеничките листи, каде доминираат едни исти имиња од претходните два парламентарни состави, па во партијата според одредени информации постои сериозно крило на незадоволни членови и функционери. 

Синоќа Мицкоски „ја фрли ракавицата“ кон ЗНАМ и Левица. 

Денес лидерот на Движењето ЗНАМ Максим Димитриевски кажа дека му импонира тоа што го нуди Мицкоски и дека и тој самиот понудил такво нешто преходно, што може да се карактеризира како извесно приближување на двете политички опции. 

Од Левица се уште се немаат произнесено, но очигледно е дека Македонија освен предизборен, ја очекува доста интересен и постизборен период.

Можете да прочитате

Таравари: Коалицијата Вреди е најдобрата гаранција дека С. Македонија ќе го продолжи европскиот пат

Клековски: Не треба да го промениме Уставот додека не видиме знаци на добра волја од Бугарија, до тогаш треба да се справиме со криминалот и корупцијата

Петров и Богоев разочарани од сопартициите оти молчеа во Собранието на конститутивната седница