Утрински Весник
Македонија

Мицкоски по средбите со Макрон и Мерц: Разговаравме за регионот, за европските перспективи и за иднината на нашите граѓани

20260605131927 big 730x400 2.webp.webp

Премиерот Христијан Мицкоски, кој учествува на самитот Европска Унија – Западен Балкан во Тиват, имаше средби со францускиот претседател Еманула Макрон и со германскиот канцелар Фридрих Мерц.

– Пријателска и срдечна средба со францускиот претседател Емануел Макрон. Разговаравме за регионот, за прашањата важни за иднината на нашите граѓани и за европските перспективи, теми на кои долго време работиме. Франција е една од највлијателните држави во Европа, па затоа е важно да се разговара отворено, директно и со јасно изразени очекувања. Нашата цел е да градиме пријателства, да отвораме врати и да обезбедиме поголемо разбирање и поддршка. Продолжуваме посветено и со јасна цел цврсто да чекориме напред – објави Мицкоски на „Фејсбук“ по средбата со Макрон. 


Со германскиот канцелар Мерц, пак, како што наведува, размениле мислења за европските перспективи на регионот, предизвиците со кои се соочуваат земјите од Западен Балкан и важноста од продлабочување на соработката и европската интеграција.

– Ваквите средби претставуваат можност за градење нови партнерства и зајакнување на врските кои се од значење за иднината на нашиот регион – пишува Мицкоски.

На самитот ЕУ – Западен Балкан, што се одржува во Тиват со мотото „Заеднички просперитет и стабилност на Европската Унија и Западен Балкан“, главна тема е проширувањето на Унијата.

Со собирот претседава претседателот на Советот на ЕУ, Антонио Кошта, кој претходно ги посети земјите од регионот, а домаќин е претседателот на Црна Гора, Јаков Милатовиќ. На самитот присуствуваат и претседателката на Европската комисија – Урсула фон дер Лајен, високата претставничка на ЕУ за надворешна и безбедносна политика – Каја Калас и претседателката на Европскиот парламент – Роберта Мецола.

Франција и Германија на самитот ќе презентираат нон пејпер, во кој се предлага постепена интеграција на Западен Балкан во ЕУ пред полноправното членство.

Европската комисија е повикана да подготви предлози за олеснување на постепената интеграција на земјите кандидати во Европската Унија, вклучително и привилегиран пристап до единствениот европски пазар врз основа на нивниот напредок во пристапните преговори и поцврсти врски со европските институции во секојдневниот процес на одлучување, се наведува во француско-германскиот нон пејпер.

Во документот со наслов „Нов поттик за проширувањето во пресрет на самитот ЕУ – Западен Балкан (5 јуни 2026) и самитот ЕУ – Молдавија (22 јуни 2026)“ се оценува дека „проширувањето останува една од најпривлечните понуди и највлијателни политички алатки што ги поседува Унијата“.

„Но, на политиката на проширување ѝ е потребен нов поттик. Претстојните самити со Западен Балкан и Молдавија претставуваат можност што не смееме да ја пропуштиме. Нашата заедничка цел е да ја заокружиме Унијата како вистинска Европска Унија“, се наведува во текстот.

Според документот, потребно е воведување дополнителни стимулации во процесот заснован на заслуги и постепено поедноставување на сегашната методологија, со цел да се овозможи побрза и подлабока интеграција врз основа на Копенхашките критериуми.

Можете да прочитате

СДСМ: Сите лаги на Мицкоски паднаа во вода- без разлика на предлозите за нова динамика, мора да се почитуваат европските правила

МСПДМ: Поради значајна реформа во системот на социјална заштита,  исплатата на правата ќе се реализира со неколкудневно задоцнување

Воведен AI ChatBot за поддршка при користење на електронскиот дневник