Утрински Весник
Македонија

Мицкоски му порача на Костадинов дека одлуката за напуштање на ЗЕЛС му е погрешна

05102024 Mickoski 5 1 1024x682 1.jpg

Премиерот Христијан Мицкоски смета дека одлуката на градоначалникот на Струмица, Костадин Костадинов да го напушти ЗЕЛС е погрешна и дека тоа е негова одлука, а не на општината.

„Не верувам дека Струмица најави најави напушување на ЗЕЛС, најави градоначалникот на Струмица. По мене, тоа ќе биде погрешна одлука, но тоа е негова одлука, иако мислам дека таа е донесена во една поспецифична состојба и мислам дека е потребно најпрво да се консултира со Советот, а ако и Советот така неодговорно се однесува кон струмичани, тогаш нека им е со среќа“, рече Мицкоски по денешната прес-конференција во Владата.

Очекува на следните локални избори, Струмица да добие градоначалник, кој, како што рече, ќе мисли на струмичани, а не на своите лични партиски фрустрации.

И претседателот на ЗЕЛС и градоначалник на општина Кисела Вода Орце Ѓорѓиевски во синоќешното гостување на МТВ оцени дека се прави вештачко креирање на проблеми и дека има политика во најавите на градоначалниците на Струмица и Карпош за излегување од ЗЕЛС.

Ѓорѓиевски посочи дека струмичкиот градоначалник одбива комуникација и подадена рака од другите колеги, ставајќи ги во заложништво своите граѓани заради свои политички цели.

„Иако досега избегнував да го коментирам, морам да го истакнам несериозниот однос и пристап кон ЗЕЛС, на колегата од Струмица, Костадинов. Практично, не паметам седница на која се појавил, секогаш праќал замена. Во моментите кога се појави кризниот период, не само јас, туку и повеќе мои колеги и соработници од ЗЕЛС, пробавме да го исконтактираме, да продискутираме со него дали има простор да му помогнеме, да се вклучиме во надминување на кризата со водоводот. Обидите за соработка кој тој тврди дека ги имал, се двосмерна улица и морам да ја информирам јавноста дека сум наишол од него на затворена врата. И тоа не само јас, туку и други соработници, дури и од неговата политичка партија“, изјави Ѓорѓиевски.

Според претседателот на ЗЕЛС, има средства за сите општини коишто ги исполниле критериумите за добивање на средства за инфраструктурни проекти, а дополнителниот рок е за комплетирање на документацијата.

Од Општина Струмица во четвртокот официјално соопштија дека се откажуваат од членството во Заедницата на единиците на локална самоуправа (ЗЕЛС), а градоначалникот Костадин Костадинов дека ќе поднесе оставка на функцијата член на Управниот одбор. Напуштањето на ЗЕЛС, како што информираа, е во знак на револт заради индиферентниот однос кон Струмица и нејзините граѓани во периодот кога тие се соочуваат со еден од најголемите предизвици – водата за пиење, којашто претставува основен елемент на животот, но и заради истиот однос по одбивањето од Владата на единствениот проект од Струмица за реализација со средства од унгарскиот кредит.

Можете да прочитате

Барале пари за да дадат информации – нови детали за исчезнатата Лидија

Пуштен е во употреба хидросистемот „Ѓавото“ кој го полни Дојранско езеро

Васиќ-Бозаџиева: Потребни се законски интервенции за Уставниот суд да може да укинува пресуди од редовното судство