Утрински Весник
Скопје

Мицкоски како опозиционер ветуваше фабрика и 100 нови еко автобуси за Скопје, а сега како премиер бара мобилизација од ЈСП

Mickoski I Danela Arsovska 06.03.2022.jpg

Пред две и пол години сегашниот премиер Христијан Мицкоски на отчетот на првите 100 дена од мандатот на скопските градоначалници од редовите на ВМРО-ДПМНЕ даде ветување дека тој и неговиот тим преговарале за набавка на нови електрични автобуси.

Мицкоски тогаш отиде чекор подалеку па најави и можно отворање на фабрика за производство на такви автобуси во Скопје, каде ќе се вработеле 500 лица.

„Изминатиот период сериозно работевме на контакти, разговори и преговори со неколку светски компании кои што произведуваат електрични автобуси, за кои што Градот Скопје а нормално тоа е и дел од изборната програма и ветувања на независниот кандидат, градоначалник Данела Арсовска, а тоа е да може Скопје да биде лидер по оваа технологија и во градскиот превоз на Балканот, а зошто да не и во Југоисточна Европа а тоа се набавка на нови минимум 100 парчиња на електрични автобуси кои што од прилика годишно го намалуваат загадувањето за 80 илјади тони по парче. Во завршна фаза сме и во подготовка на тендерската процедура за набавка на овие автобуси, но исто така со сите овие потенцијални снабдувачи разговараме и за отворање на фабрика тука во Скопје во Македонија за производство на овие електрични автобуси во кое што ќе се вработат минимум 500тини луѓе на силно и добро платени работни места, кои што тука ќе обезбедат егзистенција а Македонија ќе ја ставиме на мапата на производители на електрични автобуси во Европа“ говореше Мицкоски во месец март 2022 година.

Но, нешто повеќе од две и пол години оттогаш, Мицкоски, сега во улога на премиер, со дијаметрално спротивни ставови.

Наместо нови автобуси, потребна била мобилизација на ЈСП

„Денеска да почнеме процес за набавка за автобуси само за Скопје, претпоставувам дека ќе биде завршена и успешно ќе бидат испорачани за следната учебна година. Доволно пати покажавме конструктивност во минатото…Стоиме располагање за да слушнеме план и да го поддржиме, но ако тој план е гласајте за кредит за да набавиме автобуси кои ќе стигнат догодина, тоа нема да го реши проблемот. Проблемот се решава со мобилизација во рамки на ЈСП Скопје и наменско трошење на средствата. Тоа може да го стори Градот Скопје и менаџментот на ЈСП Скопје. Се сложувам дека на Скопје му требаат 250 автобуси, но сигурно и на другите градови им требаат уште 250 автобуси. Ова системски можеме да го решиме, а не парцијално“ изјави денеска Мицкоски на прес-конференција.

Но ЈСП е претпријатие кое со години тоне во долгови, со огромен процент на неисправни автобуси, со недоволно персонал, па оттука не е јасно на каква мобилизација во ЈСП повикува Мицкоски.

Со вкавиот став на Мицкоски станува јасно дека ниту Владата, ноиту Градот можат да го решат проблемот па така, скопјани оваа есен и зима (а можеби и цела година) ќе бидат осудени на нефункционален јавен превоз, кој е под секое достоинство.

Што во меѓувреме?

Топлото и пријатно време им дозволува на еден дел од граѓаните до своите одредишта во градот наместо со автобус, да отидат пеш, со велосипед или тротинет, но со првите дождови и заладувања, ќе се зголеми и бројот на патници во автобусите, кои и сега се преполни.

Во меѓувреме, покрај автобускиот, во распад е и такси превозот во Скопје. Се потешко се стигнува до лиценцирано такси возило а такстите ги бираат и релациите, па многу лесно може да бидете одбиени доколку патувате на некоја пократка релација.

Но, празнината ја полнат диви таксисти кои буквално ги има на секој чекор и возат или со неисправни таксиметри или цената ја одредуваат „ѓутуре“ и ја соопштуваат уште кога влегувате во возилото и на тој начин заработуваат од нефункционалноста на системот.

Можете да прочитате

(Видео) Чад го прекрива Скопје

Владата засега нема план да купи нови автобуси за Скопје од државниот буџет

Делови од повеќе општини утре без струја