
Премиерот Христијан Мицкоски оствари средба со претседателот на Србија, Александар Вучиќ, на која разговарале за актуелните состојби во регионот, добрососедските односи и можностите за понатамошно унапредување на соработката меѓу двете земји.
Средбата се одржа во Њујорк, каде Мицкоски престојува во рамки на дипломатските активности на маргините на Генералното собрание на Обединетите нации.
„Остварив средба со претседателот на Република Србија, Александар Вучиќ“, соопшти Мицкоски.
Според премиерот, една од главните теми на разговорот била состојбата во регионот, при што било нагласено значењето на добрососедските односи и продолжувањето на соработката.
„На средбата разговаравме за актуелните состојби во регионот, значењето на добрососедските односи, унапредувањето на соработката и заедничките интереси кои придонесуваат за стабилност, развој и просперитет на нашите народи“, посочи Мицкоски.
Во разговорите било посочено и значењето на заедничките интереси и регионалното поврзување како фактори за економски развој и стабилност на Западен Балкан.
Двете страни ја нагласиле важноста од продолжување на отворениот дијалог и конструктивната соработка.
„Продолжуваме со отворен дијалог и конструктивна соработка во насока на јакнење на регионалното поврзување и европската перспектива на Западен Балкан“, порача Мицкоски.
Средбата со Вучиќ е дел од дипломатските активности на Мицкоски во Њујорк, каде во фокусот на разговорите со европските и регионалните претставници се европската интеграција, безбедноста и регионалната соработка.


