Утрински Весник
Македонија

Меџити: Барањето предвремени избори е дневна политика

Ww 1.webp.webp

Дневна политика и пинг-понг надмудрување, го нарече вечерва првиот вицепремиер и министер за животна средина, Изет Меџити предлогот на Али Ахмети за предвремени парламентарни избори.

Како што оцени Меџити во гостување на ТВ Сител, не може ако опозицијата бара, уште утре да се организираат избори. Владата е стабилна, а освен што е двотретинско, мнозиството се зголемува и ќе достигне 80 пратеници.

Според Меџити, полека, но сигурно Европскиот фронт почнува да се расцепкува.

-Имаме стабилна Влада. Која е логиката да одиме на нови избори? Расте мнозинството, за некој ден ќе дојде на 80, има двотретинско мнозинство, Владата има програма, сме се нафатиле да работиме. Не гледам никаква смисла да отвориме тема за избори. Ги сфаќам и Ахмети и ДУИ, сакаат да го задржат членството. Прво му рекоа за месец, па за два ќе се вратат во Влада, па ќе имало протести, па најавуваа средби со граѓани, со народот, а се вртат во структурата истите луѓе. Само сакаат да ги залажат дека ќе се вратат скоро во Влада и да ги задржат во своите редови, да не им избегаат. Мислам дека немаат политичка кауза или нешто неочекувано што може да предизвика да одиме на предвремени избори. Има стабилна влада и ќе одиме со реализација на ветеното, а кога ќе дојде време, ќе одиме на избори, рече првиот вицепремиер.

Според него, не е во интерес на граѓаните често да има избори.

-Тоа значи шест месеци пред и по изборите запирање на сите процедури, за вработување, отворање тендери, реализирање проекти на општините, влијание врз одлуките на бизнисиот,…, потенцира Меџити.

На прашањето дали „Вреди“ се плаши да оди на избори, тој повтори дека ако се сите за избори, и тие ќе бидат.

-Нека одлучат, утре ќе одиме на избори. Само кажувам политички аргументи кои држат во моментов. Ако се сите за избори и ние ќе сме. Но, ова е дневна политика, пинг-понг надмудрување, некој се плаши,.. Не може сега како опозиција кога ќе им текне, ние утре да им организираме избори, истакна првиот вицепремиер .

Во врска со Европскиот фронт, рече дека „едно одат лево, други десно“.

-Полека, но сигурно Европскиот фронт почнува да се расцепкува, едни лево, други десно, активностите ги прават поединечно, ДУИ на една страна, ДПА не знам каде, Алијанса на друга страна, на пресови се поделени и кога излегуваат во јавност не знаат како да се кажат, дали како Европски фронт или како политички партии, рече Меџити.

Можете да прочитате

Скопје никако да се спаси од загадувањето, повторно во топ 10 најзагадени градови во светот!

Д-р Јовановски на подкаст ЗРАК: Има различни методи на реконструкција по мастектомија

Кузмановска: Хема – Онко нуди поддршка за лицата заболени од канцер