
Пратеничката од првиот парламентарен состав на независна Македонија, Ѓулистана Марковска, во специјалното отворено студио на 4ТВ по повод 35 години од независноста се наврати на периодот кога се поставувале темелите на македонската држава и направи споредба со денешната политичка сцена.
Марковска вели дека првите години од осамостојувањето биле исполнети со силен ентузијазам, идеализам и желба да се изгради држава и институции што ќе останат како наследство за идните генерации.
„Не верувам дека тој ентузијазам, идеализам, па ако сакате и љубов да се придонесе, да изградите нешто што ќе остане зад вас, ќе се повтори понатаму во Македонија“, истакна Марковска.
Според неа, токму тоа е една од најголемите разлики меѓу политичката атмосфера од почетокот на 90-тите години и онаа што денес може да се види во Собранието.
Марковска потсети дека првиот парламентарен состав работел во исклучително сложени историски околности. Поранешната југословенска федерација се распаѓала, политичката ситуација во регионот се менувала речиси од ден во ден, а во Словенија и Хрватска веќе започнувале вооружени конфликти.
„Тоа беа многу бурни и многу магливи времиња, кога секојдневно се менуваа нештата на политичката сцена“, рече Марковска.
Таа нагласи дека првите парламентарни избори биле фер, но и дека меѓу избраните пратеници постоеле различни ставови за патот по кој Македонија треба да стигне до целосна самостојност.
И покрај политичките разлики, токму тој парламентарен состав се соочил со историската одговорност да носи одлуки во период кога се решавала иднината на земјата и да учествува во поставувањето на темелите на независната држава.
Марковска смета дека тогашниот политички период значително се разликува од денешниот, особено во мотивот и односот кон градењето на државата. Според неа, пред 35 години постоела силна желба да се создаде функционален систем и институции што ќе траат и ќе им служат на идните генерации.
Денес, оценува таа, силните политички поделби и спротивставените позиции меѓу партиите и пратеничките групи многу почесто го отежнуваат постигнувањето поширок консензус за прашањата од национално значење.



