Утрински Весник
Македонија

Манолева:Договоривме операционите сали на Клинички да работат со надворешни компресори и со садови со компримиран воздух

Manoleva.webp.webp

Заменик-министерката за здравство вели дека на состанок со директорите на клиниките се договориле да отпочнат со работа сите хируршки клиники во Клиничкиот центар со операционите сали со користење на надворешни компресори и дополнително со садови со компримиран воздух.

Заменик-министерката за здравство Маја Манолева ќе побара од владата да ја задолжи јавната установа Заеднички служби за потребите на здравството да изврши итна набавка и промена на локацијата на компресорската станица на Клинички центар.

Манолева, исто така, вели дека ќе побара и итна набавка и замена и на инсталацијата за довод на кислород и на компримиран воздух.

Заменик-министерката, денеска во изјава за Сител телевизија, кажа дека имале средба со директорите на клиниките и се договориле за алтернативни решенија за хируршките сали кои изминатите денови не работат поради проблеми со компресорската станица и со инсталацијата за кислород.

„Се договоривме да отпочнат со работа сите хируршки клиники во Клиничкиот центар во операционите сали со користење на надворешни компресори и дополнително со садови со компримиран воздух. Се договоривме оперативниот план и редоследот на пациентите да се реализира согласно одлуката од страна на стручните колегиуми на секоја од клиниките во рамки на индивидуалните капацитети на секоја клиника“,вели Манолева.

Хируршките сали во Клиничкиот центар во Скопје изминатите денови се затворени, а како причина за тоа е наведен непријатниот мирис кој се ширел во нив. Од Министерството за здравство до Обвинителството стигнало известување дека имало проблеми со функционирање на вентилацискиот систем во хируршките сали. Од Обвинителството, пак, известија дека предметот е распореден кај обвинител, кој треба да провери дали во овој случај има кривично дело, односно дали постои основа да поведе кривична постапка и против кого.

Можете да прочитате

Петровска за „Независен“: СДСМ треба да се врати на идеолошките корени

Ципрас: Ако Заев не го променеше името ќе мораше да влезете под Република Македонија

(Видео) Хеликоптер на МВР исфрли над 20 тони вода врз пожар во кичевско