Утрински Весник
Македонија

Манасиевски: Да бевме против ЕУ, немаше да ги спроведуваме реформите

Img 6152.jpeg

Тезите на СДСМ дека Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ ја оддалечува Македонија од Европската Унија целосно паѓаат во вода. Ова во емисијата „Ноќно студио“ на „4ТВ“ го истакна портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Валентин Манасиевски, нагласувајќи дека членството во ЕУ останува стратешка и јасно дефинирана цел на партијата.

Според Манасиевски, евроинтегративниот курс на државата не се гледа преку политички декларации, туку преку конкретни реформи и резултати кои, како што рече, веќе се препознаени и од европските партнери.


„Ако ние не сакавме да бидеме дел од ЕУ, немаше да ги исполнуваме реформите од реформската агенда, за кои шефовите на мисиите на земјите членки на Унијата, при посетата на Владата во април, потврдија дека имаме голем напредок. Исто така, го завршивме и пост-мониторингот со Советот на Европа, докажувајќи ги нашите демократски капацитети“, изјави Манасиевски.

Тој посочи дека Владата активно гради и продлабочува стратешки партнерства со земји членки на Европската Унија, меѓу кои ги издвои Унгарија и Хрватска, а како значаен чекор ја оцени и заедничката изјава за одбрана и безбедност со ЕУ.

„Македонија е една од првите држави во регионот што направи ваков исчекор во делот на безбедносната соработка со Европската Унија“, нагласи портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ.

Манасиевски додаде дека државата паралелно ги зајакнува и стратешките односи со САД и Обединетото Кралство, што, според него, дополнително ја зацврстува меѓународната позиција на Македонија.

Осврнувајќи се на барањето на СДСМ за организирање референдум за иднината на европскиот пат на државата, Манасиевски потсети на референдумот организиран од претходната власт и оцени дека тогаш не била испочитувана волјата на граѓаните.

„Паметите пред неколку години како заврши референдумот што го организираше СДСМ – тогаш не се испочитува волјата на граѓаните. Еве нè денес, седум-осум години по тој референдум, гледаме каде сме како држава“, порача Манасиевски.

Можете да прочитате

Кузеска: Мицкоски со часовник од 60.000 евра лесно се чека ЕУ со децении, цената ќе ја плаќаат граѓаните

Манасиевски: За ДУИ нема место во Владата додека не направи сериозни реформи

Манасиевски: Дојде крајот на шерифувањето на Ислам Абази