Можеби прирачникот е од пред 10 години но “експертите” се исти и денес, пишува на социјалните мрежи професорот Самоил Малчевски.
Коментирајќи го прирачникот од програмата за образование кој предизвика бурни реакции во јавноста професорот ќе напише:
„Бешка и Чешларов се “експертите” кои стојат позади експериментот врз нашите деца наречен Концепција за основно образование на Мила Царовска!
И да, кога ќе кажам лидерот во неуспешни образовни “реформи”, да тоа е Бешка, “експертот” кој стои позади сите експерименти во Македонскиот образовен систем почнувајќи од првиот “Чекор по чекор” на почетокот на деведесеттите години“.
Оценува дека системот е трул, токму зошто е окупиран од самопрогласени “експерти” желни за хонорари.
На системот, додава Малчевски, му треба вистински рестарт, а не козметички промени.
„И да, треба одговорност и забрана за вршење на дејност на “експертиве” желни за хонорари“, пишува Малчевски на социјалните мрежи, по контроверзните прашања од програмата „Образование за животни вештини“ за средно образование кои се споделуваа на социјалните мрежи и предизвикаа бурни реакции во јавноста.