Утрински Весник
Спорт

Македонските одбојкари ги дознаа противниците во Златната Европска лига 2025

20241114131903 Big 730x400 26.webp.webp

Македонската одбојкарска репрезентација ќе биде дел од 12 национални тима кои ќе учествуваат во изданието од ЦЕВ Златната Европска лига во 2025 година. Заедно со „црвено-жолтите“ во натпреварувањето ќе учествуваат и: Чешка, Португалија, Романија, Финска, Хрватска, Грција, Шпанија, Летонија, Словачка, Црна Гора и Израел.

Како и во претходното издание така и во ова ќе се игра според т.н. „швајцарски систем“ односно во три турнири, а секоја репрезентација ќе биде домаќин на по еден турнир.

Првите турнири на програмата се викендот од 6 до 8 јуни. Македонија ќе игра на турнирот во Словачка, каде првиот натпревар го игра на 7 јуни против Финска, додека ден подоцна ќе се соочи со домаќинот. 

Вториот турнир е предвиден од 13 до 15 јуни во Летонија. Летонците се противникот со кој ќе ги измериме силите на 13 јуни, додека на 14 јуни играме со Грција.

Македонија ќе биде домаќин на турнир во третиот викенд од Златната Европска лига 2025, закажан од 20 до 22 јуни.

Македонија на 20 јуни ќе го пречека Израел, потоа ќе има слободен ден додека турнирскиот систем на натпрварување ќе го закружи против Црна Гора на 22 јуни, објави Одбојкарската федерација на Македонија.

По одигрувањето на натпреварите ќе биде формирана заедничка табела на која првите четири најдобро пласирани селекции ќе изборат учество на финалниот турнир, кој ќе се одржи од 4 до 6 јули. Промена може да има само доколку репрезентацијата домаќин на завршниот турнир не е меѓу најдобрите четири екипи на табелата. Организаторот на Ф4 викендот дополнително ќе биде одреден.

Можете да прочитате

Ла Лига со критики за Винисиус

Македонија вечерва против Турција на ЕП

Оклахома поуспешна од Лејкерс за четврта победа во низа