Утрински Весник
Македонија

Македонка останува 30 дена во притвор поради убиството на куче во Улцињ

Img 0414.jpeg

Истражниот судија на Основниот суд во Улцињ ѝ одреди притвор до 30 дена на македонската државјанка С.С. од Скопје, поради основано сомнение дека сторила кривично дело убивање и мачење животни и уништување на нивното живеалиште.

Одлуката за притвор следува откако Основното државно обвинителство во Улцињ претходно ѝ одреди задржување до 72 часа и побара од судот таа да остане во притвор.

Според информациите од црногорските институции, жената е осомничена дека со бел „мерцедес“ со скопски регистарски ознаки прегазила и усмртила куче од расата шарпланинец во Улцињ.

„На 25.07.2026 година, истражниот судија на Основниот суд во Улцињ одреди притвор до 30 дена за осомничената С.С. од Скопје, поради постоење основано сомнение дека сторила кривично дело убивање и мачење животни и уништување на нивното живеалиште“, соопштија од судот за „Вијести“.

Од судот наведуваат дека притворот е определен поради опасност од бегство, односно поради околности кои, според нив, укажуваат дека осомничената би можела да ја напушти земјата и да го попречи понатамошното водење на постапката.

Токму обидот да ја напушти Црна Гора бил пресуден и при нејзиното пронаоѓање. Инцидентот бил пријавен во петокот, 24 јули, околу 15:15 часот, кога сопственичката на кучето ја известила полицијата дека непознато лице со бел „мерцедес“ со скопски таблички го прегазило и убило животното.

Полицијата веднаш започнала потрага и го идентификувала возилото и лицето кое управувало со него.

Околу 16:40 часот истиот ден, македонската државјанка била пронајдена и запрена на заедничкиот граничен премин Сукобин – Муриќани, додека се обидувала да ја напушти Црна Гора.

Таа била приведена во полициските простории, а за случајот бил известен надлежниот државен обвинител. По спроведените дејствија, обвинителот оценил дека постојат елементи на кривично дело убивање и мачење животни и уништување на нивното живеалиште и наредил нејзино лишување од слобода.

Според информациите објавени од црногорските медиуми, на социјалните мрежи се појавиле и снимки од настанот, на кои наводно се гледа како возилото повеќепати го прегазува кучето.

Случајот предизвика реакции во јавноста, а постапката против македонската државјанка продолжува пред надлежните институции во Црна Гора.

Можете да прочитате

21-годишник паднал од отворен прозорец на „Aуди“, тешко е повреден

Полициска акција: Пет килограми марихуана кај татко и син, амфетамин, ЛСД и стотици таблети во подрум

Западнонилската треска се шири во Македонија – Осум случаи, сите заболени развиле тешка форма