Утрински Весник
Македонија

“Македоника литера” ја објави книгата „Анимистичките концепти во сказните“ од Розе Нешковска Славковска

Animistickite Koncepti Vo Skaznite Maketa 960x1191 1.jpg

„Македоника литера“ неодамна ја објави книгата „Анимистичките концепти во сказните“ од Розе Нешковска Славковска.

Предмет на истражување во овој труд е анимистичкиот концепт за надворешната душа и неговото присуство во македонскиот сказничен фолклор. Анимистичките претстави во сказните се толкуваат од аспект на примитивните анимистички концепти кои се универзални во сказните на сите народи во светот. Книгата содржи интерпре¬та¬ции на фолклор¬ните мотиви со митолошко-ритуалистичката експли¬кација на врвните митолози, антрополози и фолклористи во светот (Едвард Тајлор, Џејмс Фрејзер и Владимир Проп), а резултатите се применети во повеќе научни дисцип¬ли¬ни: фолклористика, антропологија, компаративна мито¬логија и историја на религиите.

Прикажувајќи ги анимистичките концепти во македонскиот сказничен фоклор, оваа книга ги продолжува и ги надградува постојните истражу¬вања на овој феномен во македонската фолклористичка наука. Новитетите и знаењата кои ги нуди се особено значајни во делот на интерпре¬та¬цијата на македонските волшебни приказни (сказни) од пове¬ќе тематски аспекти на анимизмот и сите негови значенски моди¬фикации. Особено значајни за македонската фолклористичка наука е анализата на аспектите на метаморфозата на надворешната душа во сказните запишани од Кузман Шапкарев и Марко Цепенков. Во овој дел од книгата, Нешковска Славковска нуди релевантна типоло¬ги¬ја на мета¬мор¬фозите на душата во материјален или нематеријален објект, како и комбиниран тип на преобразби со солидна научна интерпретација врз апликативен материјал од повеќе репрезентативни македонски волшебни приказни: „Бабината мома Злата Позлатена“, Силјан Штркот“, „Дуња Ѓузели и царскиот син“, „Четириесетте царски синои и чети¬рие¬сетте снаи, големата змија, Ламјата, Арапо, Царо и Дерви-шот“ и др.

„Анимизмот како доктрина или теорија на душата нема статус на формална религија, но претставува базичен религиски концепт, на кој се темели религијата воопшто – пишува авторката на книгата. – Во таа смисла, може да се каже дека анимизмот не е религија, туку еден вид примитивна филозофија, која не само што е основа на религијата, туку и на целиот живот на човекот во мугрите на човештвото (или во „детството на човековиот род“).
Анимистичкото верување дека и неживите предмети поседуваат душа и дека луѓето можат да комуницираат со нив (во дрвото гледаат живо битие, а исто така и каменот е предмет на религиозна почит), продуцира специфична ани¬мистичка матрица која е исклучително продуктивна кога се работи за сказните.
Проф. д-р Нина Анастасова Шкрињариќ, автор на предговорот, пишува:

„Во овој труд анимис¬тичкиот концепт е разгледан на две рамништа: 1. на ниво на колективната психологија (ани¬мистичката теорија на Едвард Тајлор, за анимизмот како базичен религиски концепт), и 2. на ниво на индиви¬дуал¬на¬та психологија (теоријата на Жан Пијаже за инфантилниот анимизам како задолжителна фаза во развитокот на детско¬то мислење). И во двете теории, анимизмот подраз¬бира: одухотворување на предме¬тите и појавите во природата, нивно персонифи¬цирање и доживување како живи и инди¬видуални суштества кои поседуваат свест и волја.
Анимистичките секвенци во сказните, колку и да изгледаат нереални и произволни, некогаш биле нераскинлив дел од човековата митолошка вера. Без нивна адекватна научна интерпретација, тие го губат вистинското значење и се доживуваат само како наивни „анимизации налик на оние од детските анимирани бајки во кои животните зборуваат, a дрвјата шепотат свети тајни…“

Проф. д-р Трајче Стамески во поговорот, меѓу другото, пишува:
„Оваа книга се базира на употребата на релевантни методолошко-теоретски алатки во широка дијахрониска перспектива: од генезата на поимот на анимизмот, неговата распространетост во различните култури, развојот од анимизам до политеизам и монотеизам, научните толкувања на феноменот, разграни¬чувањето на анимизмот од останатите концепти, неговото толкување врз примери од македонските сказни и др.
…Не може да постои современо општество, култура, јазик и литература без длабински континуитет со традицијата и народното творештво, а токму овој труд самоуверено покажува на некои од тие релации.“

Розе Нешковска Славковска дипломирала на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје, на Катедрата за македонски јазик и јужнословенски јазици, а магистрирала во 2016 година на Катедрата за македонска книжевност и јужнословенски книжевности. Оваа книга е ревидирана верзија на магистерскиот труд подготвен под менторство на проф. д-р Нина Анастасова Шкрињариќ.

Можете да прочитате

Заплена на нелегални дрва, приведен и вработен од „Македонски шуми“

Што може да донесе утрешниот Конгрес на СДСМ?

Во Битола санирани проблемите од вчерашното невреме