Утрински Весник
Македонија

Македонија повторно се бори со огнената стихија: Осум пожари остануваат активни

Pozar.jpg

Вкупно 22 пожара на отворен простор се регистрирани денеска до 18 часот низ Македонија, од кои осум сè уште се активни, еден е ставен под контрола, а останатите се изгаснати, информираат од Центарот за управување со кризи.

Меѓу активните е пожарот на територијата на општина Прилеп, кај селото Чаниште, кој се шири на два крака – кон селата Крушевица и Лопатица и кон Црна Река. Зафатена е ниска вегетација.

Во општина Крушево, во подрачјето на селата Белушино и Јакреново, огнот зафатил ниска вегетација и деградирана дабова шума.

Активен останува и пожарот во општина Студеничани, во регионот на селата Моране, Вртекица и Рамни Габер, каде што гори мешана шума.

Во скопски Бутел, кај селото Луботен, гори ниска вегетација.

Пожар има и на територијата на општина Македонски Брод, на местото викано „Видуш“, во близина на селата Драгов Дол и Локвица. Таму огнот зафатил ниска вегетација, нискостеблеста шума и грмушки.

Во кичевското село Тајмиште, на местото викано „Дарда“, гори високостеблеста букова шума, додека во селото Никуштак во општина Липково се зафатени ниска вегетација и шума.

Осмиот активен пожар е во селото Церово, општина Гостивар, каде што гори нискостеблеста дабова шума.

Под контрола е ставен пожарот во селото Мојно, општина Могила, каде што била зафатена ниска вегетација.

Од ЦУК информираат дека останатите пожари се изгаснати. Два од нив биле на територијата на општина Кичево, а интервенции имало и во регионите на Радовиш, Струмица, Новаци, Гостивар, Брвеница, Неготино, Велес, Струга, Дебар, Куманово и Студеничани.

Можете да прочитате

Ставена во функција апликацијата „Безбеден град“ за странските возила

ВМРО-ДПМНЕ: Абази го спаси Филипче

Мотоциклист тешко повреден во сообраќајка во центарот на Скопје