Утрински Весник
Македонија

Македонија отвора амбасада во Вилнус – нов чекор во стратешкото партнерство со Литванија

Img 5085.jpeg

Македонија ќе отвори своја амбасада во Вилнус, Литванија, во потег што се оценува како значаен дипломатски и стратешки исчекор во односите меѓу двете земји. Одлуката на Владата, донесена минатата недела и позитивно прифатена од литванските власти, ја соопшти министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски, за време на гостувањето во емисијата „Ноќно студио“ на 4ТВ, осврнувајќи се на неговата прва официјална билатерална посета на балтичката држава.

Андоновски истакна дека посетата била реализирана во соработка со Литванската канцеларија во Скопје и се совпаднала со неколку важни политички и економски процеси, при што Литванија била посочена како силен НАТО-сојузник и искрен поддржувач на европската интеграција на земјите од Западен Балкан, објави 4news.mk.

За време на престојот во Вилнус, министерот остварил повеќе средби со претставници на клучни институции и владини ресори, меѓу кои министрите за економија и иновации, за надворешни работи, како и министерот за одбрана, кој во Литванија е надлежен и за секторот на сајбер-безбедноста.

„Посетата ја искористивме за договарање на заеднички проекти во иднина. Литванија има подготвени иницијативи кои сака да ги пренесе кај нас. Дополнително, разговаравме за тоа дека дигитализацијата ќе биде еден од столбовите на литванското претседателство со Советот на Европската Унија, кое започнува во јануари 2027 година“, изјави Андоновски.

Тој откри дека веќе добил и официјална покана да се обрати на најголемиот технолошки самит што следната година ќе се одржи во Литванија, што, според него, претставува дополнителна можност за промоција на македонскиот ИТ-сектор и домашните компании пред европските партнери.

Од посетата, како што нагласи министерот, се очекуваат конкретни резултати и за македонската економија, особено во делот на дигиталната трансформација, сајбер-безбедноста, иновациите и привлекувањето нови технолошки партнерства. Тој оцени дека отворањето на амбасада во Вилнус ќе придонесе за поинтензивна политичка комуникација, поблиска економска соработка и посилно присуство на Македонија во балтичкиот регион.

Можете да прочитате

„Беше неочекувано, нè евакуираа на безбедно“: Андоновски откри детали за драмата на аеродромот во Вилнус

Кривична за кичевчанец, запалил смет во двор и предизвикал пожар кој се проширил

Свекор се заканувал на снаата дека ќе ја убие, судот му одреди отстранување од домот