
Пишува: Салим Кадри Керими, историчар – дипломат во пензија
Современите политички и општествени текови на Балканот, обременети со историски наративи и често инструментализирани толкувања на минатото, повторно ја актуализираат потребата од суштинско преиспитување на односите меѓу соседните држави и народи. Во таа смисла, пораките што неодамна ги упати бугарскиот новинар Румен Скрински—насочени кон нагласување на блискоста и потребата од „зближување меѓу македонскиот и бугарскиот народ“—претставуваат значаен придонес кон една подолго време запоставена, но суштински неопходна јавна дебата.
Со цел да се избегне можноста за погрешно толкување дека зборувам „во име на македонскиот народот“, во продолжение ќе се обидам да ја нагласам потребата не само за „зближување меѓу македонскиот и бугарскиот народ“, туку и за проширување и зацврстување на контактите и соработката меѓу сите граѓани на двете земји, како и со граѓаните на поширокиот регион.
Тезата дека Македонците и Бугарите претставуваат „братски народи“, поврзани низ историјата со бројни културни, јазични и цивилизациски допирни точки, не е нова ниту лишена од научна основа. Напротив, таа е дел од пошироките балкански историски процеси, во кои испреплетеноста на идентитетите и традициите била правило, а не исклучок. Оттука, современите политички недоразбирања не можат и не смеат да ја негираат оваа меѓусебна поврзаност.
Особено е значајно што се потенцира дихотомијата меѓу политичките наративи и секојдневната реалност. Додека политичките елити неретко продуцираат тензии, обичните граѓани од двете страни на границата во своето секојдневие воспоставуваат и одржуваат односи на соработка, комуникација и меѓусебна доверба. Токму овој јаз меѓу „политичкото“ и „живеаното“ претставува еден од клучните предизвици во разбирањето на современите македонско-бугарски односи.
Во таа насока, моето лично искуство—кое датира од почетокот на 1970-тите години, кога бев студент на Филозофскиот факултет во Скопје—може да послужи како илустративен пример за тоа како се гради и одржува вистинско пријателство, независно од политичките контексти. Моето повеќедецениско пријателство со бугарски интелектуалец од Софија, започнато во дамнешната 1974 година, не само што опстана низ различни историски фази и политички системи, туку со текот на времето се продлабочи и се трансформира во трајна човечка и семејна врска која опстојува и денес. При тоа, собено индикативен е фактот што ова пријателство се роди во период кога меѓудржавните (југословенско–бугарски) односи беа значително поригидни, а можностите за слободна комуникација ограничени. Сепак, непосредниот контакт, заемната отвореност и човечката солидарност се покажаа посилни од институционалните бариери. Во текот на изминатите децении, преку заемни посети и комуникација, се изгради доверба што не може да биде нарушена од дневнополитички дискурси.
Во меѓувреме, во последните околу десет години, воспоставив професионални контакти со уште двајца колеги од Софија, со кои повремено разменуваме мислења, притоа свесно избегнувајќи да навлегуваме во полемики околу историските недоразбирања и актуелните политички разлики меѓу двете држави.
Наведените искуства упатуваат на поширок заклучок: вистинските односи меѓу народите не се градат исклучиво преку официјални политики и дипломатски канали, туку пред сè преку непосредните контакти меѓу луѓето. Во тој контекст, зголемената мобилност преку границата, развојот на економската соработка и интензивирањето на културната размена претставуваат позитивни процеси што треба да се поттикнуваат и развиваат уште повеќе.
Посебно внимание заслужува и улогата на медиумите на двете земји, која со право се истакнува како клучна. Во услови на зголемена медиумска фрагментација и влијание на различни интересни групи, одговорното новинарство има задача не само да информира, туку и да придонесува кон градење култура на дијалог. Медиумите можат да бидат фактор и на стабилизација и на дестабилизација—изборот меѓу овие улоги е прашање на професионална етика и општествена одговорност.
Воедно, прашањето на историјата, кое често се наметнува како централна точка на спорење, бара внимателен и научно заснован пристап. Историјата не смее да се користи како инструмент за дневнополитички цели, туку како комплексна научна дисциплина во која различните интерпретации се дел од легитимен академски дијалог. Само преку ваков пристап може да се избегне нејзината злоупотреба и да се создадат предуслови за вистинско помирување. Во таа смисла, неопходно е јасно разграничување меѓу минатото и сегашноста. Додека минатото може да биде предмет на различни толкувања, сегашноста и иднината бараат прагматичен и конструктивен пристап. Со други зборови, Македонија и Бугарија, македонскиот и бугарскиот народ, и нивните останати граѓани имаат заеднички интерес да развиваат односи засновани врз соработка, стабилност и меѓусебна почит, со крајна цел – унапредување на пријателството и зачувување на мирот и стабилноста во регионот и пошироко.
Оттука, пораката што произлегува и од изнесените ставови, но и од личното и професионалното искуство, е јасна: процесот на „зближување“ не е само посакувана опција, туку неопходност. Тој треба да се одвива паралелно на повеќе нивоа – политичко, културно, економско и, пред сè, човечко.
Како заклучок, може да се констатира дека, вистинската сила на односите меѓу Македонија и Бугарија не лежи во реториката на конфронтација, туку во тивката, но постојана динамика на секојдневната комуникација – како меѓу државните институции, така и меѓу граѓаните на двете држави. Токму во тие непосредни контакти се наоѓа основата врз која може да се изгради стабилна и просперитетна заедничка иднина.

