Утрински Весник
Македонија

Македонија денеска го одбележува 2 Август – Илинден

Img 1054.jpeg

Македонија денеска го одбележува 2 Август – Илинден, еден од најзначајните датуми во македонската историја, кога се навршуваат 123 години од Илинденското востание и Крушевската Република, како и 82 години од Првото заседание на АСНОМ. Двата историски настани претставуваат темели на македонската државност и симбол на стремежот за слобода, независност и национален идентитет.

Централната државна свеченост традиционално ќе се одржи во Крушево, каде што ќе се обрати потпретседателот на Собранието, Антонијо Милошоски. Програмата започнува со положување свежо цвеќе на гробот на Никола Карев и пред споменикот на хероите на месноста „Слива“, по што ќе биде одржана панихида во храмот „Св. Никола“.

На Мечкин Камен ќе се одржи свечена церемонија со положување цвеќе на Споменикот на бранителите на Крушевската Република, а културно-уметничката програма ќе продолжи со настап на Националниот ансамбл за народни игри и песни „Танец“.

Во Скопје, претседателката Гордана Сиљановска-Давкова ќе се обрати на свеченоста пред споменикот на Методија Андонов-Ченто на плоштадот „Македонија“, а ќе положи цвеќе и пред спомениците на Никола Карев и АСНОМ.

Премиерот Христијан Мицкоски ќе се обрати во Меморијалниот центар АСНОМ во Пелинце, каде што ќе биде одбележана 82-годишнината од Првото заседание на Антифашистичкото собрание за народно ослободување на Македонија.

Во рамки на илинденските чествувања, во селото Трново традиционално ќе се одржи 55. Светска македонска иселеничка средба и 46. Погранична средба на Македонците од Егејскиот дел на Македонија, на која се очекува присуство на бројни иселеници и гости.

Илинденското востание започнало ноќта меѓу 1 и 2 август 1903 година, кога околу 800 востаници го ослободиле Крушево и ја формирале Крушевската Република, предводена од Никола Карев. Републиката опстојувала десет дена, по што била задушена од бројната османлиска војска.

Четириесет и една година подоцна, на 2 август 1944 година, во манастирот „Св. Прохор Пчињски“ било одржано Првото заседание на АСНОМ, на кое 115 делегати, под претседателство на Методија Андонов-Ченто, ги поставиле темелите на современата македонска држава, ја потврдиле нејзината државност и го конституирале македонскиот јазик како службен јазик.

Илинден и денес останува симбол на борбата за слобода, државност и национално единство, а 2 Август продолжува да биде еден од најзначајните празници во Македонија.

Можете да прочитате

Зајкова: Вистинскиот илинденски пркос не се докажува со пароли, туку со одлучност и изнаоѓање решенија

Насилник од Идризово претепал 15 годишно дете

ЛДП: Честит 2-ри Август, Ден на Реубликата!