Утрински Весник
Балкан

МАЕИ повика на обединување на Македонците од Албанија

Maei Sostanok Korca.png

Eдинствената македонска партија во Албанија – Македонска алијанса за европска интеграција (МАЕИ), на денешниот состанокот одржан во Корча, повика на обединување на сите Македонци од Албанија и на оние што се иселени. Централниот комитет на МАЕИ усвои декларација од 15 точки, која ќе биде доставена до надлежните албански, македонски и меѓународни институции.

„Имајќи ја предвид антимакедонската политика на бугарската влада во Албанија и соочени со агресијата на бугарскиот национал-шовинизам и наци-фашизам за денационализација и асимилација на етничките Македонци во Албанија во ‘етнички Бугари’, одржавме состанок  на кој ги разгледавме сите случувања, вклучително и последните однесувања меѓу претставниците на македонските друштва“, информираше за МИА, Таќо Гроздани, генерален секретар на МАЕИ.

Во заклучоците се осудуваат „координираните напади врз партијата од различни структури од Бугарија, Албанија и Македонија со цел дефокусирање на вниманието од заедничкиот непријател на Македонците во Албанија и воопшто во светот – Владата во Софија. МАЕИ ги повикува сите Македонци членови на други политички партии во Албанија да пристапат во единствената македонска партија во Албанија – Македонска алијанса за европска интеграција“, пишува во заклучоците.

Од МАЕИ ги повикуваат на единство сите Македонци од Албанија кои живеат и работат надвор од нејзините граници во светот, заради „одбрана на македонскиот идентитет пред институциите на власта во Албанија и пред меѓународните организаци за човековите и граѓанските права и слободи“

„Етничките Македонци се лојални албански државјани, но претставуваат неотуѓив, нераскинлив и неостапен дел од македонскиот народ како носител на државноста во Македонија. Ја повикуваме македонската влада на грижа за положбата, правата и слободите на македонската заедница во Албанија и изготвување на долгорочна национална стратегија поддржана од сите македонски партии, вклучително од власта и опозицијата. Македонска алијанса за европска интеграција ќе продолжи да не се меша во политичките пресметки во Македонија и да не зазема страна. Институционално ќе соработува со сите политички партии и институциите на власта во Република Македонија“, рече претседателот на партијат Васил Стерјовски, презентирајќи дел од заклучоците.

Со декларацијата се отфрлаат прелиминарните пописни резултати од пописот одржан во Албанија од 18 септември до 16 ноември 2023 година, поради „фалсификат на бројот на етничките Македонци, со грубо мешање во внатрешните работи на Албанија од страна на Бугарија пред и за време на пописот на населението во Албанија. Изразуваме жалење поради незаинтересираноста на албанската Влада за грубото мешање на Бугарија во внатрешните работи на Албанија со цел асимилација на Македонците во областите и местата каде што живеат. Жалиме што албанската влада не презеде мерки за заштита на правата и слободите на Македонците во Албанија“, додал Стерјовски.

Од МАЕИ потсетуваат дека Македонците и другите малцинства во Албанија не ги прифаќаат пописните резултати и бараат нов попис на населението во согласност со меѓународните стандарди „заради манипулација со бројките на малцинствата“.

Партијата на Македонците во Албанија бара забрана за активностите и донациите од страна на Бугарија, бугарската амбасада во Тирана и бугарските фондации во областите каде што живее македонската заедница и поголема грижа од албанската влада за нив.

Можете да прочитате

Подлегна на повредите тинејџерот кој беше претепан кај Хемиското училиште во Лесковац

Убиен е син на хрватски пејач во Еквадор

Хрватска ќе инвестира 2 отсто од БДП за одбрана во историска модернизација на војската