Мадона ја прославува 40-годишнината од сојот пробивен сингл „Холидеј“ со турнеја во која ќе ги пее своите најголеми хитови.
Поп-иконата ќе изведува музика од целата своја кариера, од истоимениот деби-албум од 1983 година до „Мадам икс“ од 2019 година.
Турнејата, со наслов Celebration Tour, вклучува 35 концерти, е всушност враќање во арените и стадионите по експерименталните настапи во рамките на „Мадам икс“ во 2019 и 2020 година.
Некои од тие настапи беа откажани бидејќи ѕвездата се бореше со повреди на коленото и колкот. Последните 10 настапи во Париз потоа беа откажани како резултат на пандемијата.
Најавувајќи ја претстојната турнеја, ѕвездата рече: „Возбудена сум што ќе истражам што повеќе песни, со надеж дека ќе им го дадам на моите фанови шоуто што го чекаа“.
Во соопштението за печатот се наведува: „Концертите ќе нè водат на уметничкото патување на Мадона низ четири децении и ќе му оддадат почит на градот Њујорк, каде што почна нејзината кариера во музиката“.
Турнејата ќе почне во Ванкувер, Канада, во јули, потоа ќе продолжи со концерти во Њујорк, Барселона, Париз и Стокхолм пред да заврши во Амстердам на 1 декември.
Засега е најавен само еден концерт за Велика Британија, во лондонската арена „О2“ на 14 октомври. Точниот распоред, односно датумите на концертите, не се прецизирани, што сугерира дека ќе бидат објавени по распродавањето на првите концерти.
Британски Би-би-си пренесува дека билетите за турнејата Celebration ќе почнат да се продаваат во 10 часот по локално време в петок, 20 јануари, а претпродажбата за членовите на фан-клубовите почнува во вторник, 17 јануари (Северна Америка), и в среда, 18 јануари (Европа).