Утрински Весник
Македонија

Мајката на Васил пред суд: Ги криевме клучевите, Зоран никогаш не му дозволи да вози

Tatko na vasil jovanov.jpg

Во Основен кривичен суд Скопје денеска продолжи судењето против Зоран Јованов, кој се товари за „загрозување на безбедноста на сообраќајот со опасно дејствие или средства“, по трагичната сообраќајна несреќа во која животот го загуби Фросина Кулакова.

На рочиштето сведочеше и мајката на Васил, Ана Јованова, која истакна дека нејзиниот сопруг никогаш не му дозволил на синот да управува возило без возачка дозвола.


„Васил, дури откога положи теоретски дел и дојде на ред за градско возење, по првиот неуспешен обид покажа интерес да го проба возилото, но сопругот беше категоричен дека тоа нема да се случи додека не положи“, изјави Јованова.

Таа нагласи дека семејството дури и ги криело клучевите од автомобилот за да го спречи Васил да управува со возилото.

„Клучевите практично секогаш беа кај мене. Ги криев до степен да заборавам каде сум ги ставила“, сведочеше таа.

Според неа, автомобилот „пежо 207“ бил купен во 2016 година за нејзини потреби, а сопругот користел друго возило. Таа категорично тврдеше дека Зоран „апсолутно никогаш“ не му го дал или дозволил користењето на автомобилот на Васил.

Слични искази дадоа и останатите сведоци на одбраната. Првиот сведок, долгогодишен пријател на обвинетиот, го опиша како „принципиелен и човек кој ги почитува законите“, додавајќи дека никогаш не би дозволил неговиот син да вози без положен испит.

Тој посочи дека лично бил сведок на ситуации кога Васил барал да вози, но бил одбиен.

„Ставот на Зоран беше јасен – нема возење без положена возачка дозвола“, рече сведокот.

И двајца членови од поширокото семејство го потврдија истото, нагласувајќи дека обвинетиот бил дециден и доследен во ставот дека законите мора да се почитуваат.

„Додека е жив, клучеви нема да му даде додека не положи“, сведочеше една од сведоците, додавајќи дека тоа било негов принцип.

Судењето се однесува на несреќата што се случи во јануари 2025 година на булеварот „Партизански Одреди“, кога Васил Јованов, управувајќи автомобил без возачка дозвола и под дејство на алкохол, удри во пешакот Фросина Кулакова, која почина на лице место. За ова дело, Васил Јованов веќе е осуден на 13 години затвор.

Следното рочиште е закажано за 28 април, кога ќе бидат сослушани уште четворица сведоци, а во мај се очекува исказ да даде и самиот Васил Јованов.

Судењето продолжува со цел да се утврди одговорноста на таткото во овој трагичен случај кој ја потресе јавноста.

Можете да прочитате

Децата природно се фасцинирани од астрономијата

Нова вселенска трка: САД и Кина во борба за Месечината

Камион се запали на Плетвар