Утрински Весник
Скопје

Лукровски не се појави на работа ни по 30 мај, Мицкоски вели дека мора да мирува

Img 6783.jpeg

Премиерот Христијан Мицкоски изјави дека здравствената состојба на градоначалникот на Општина Карпош, Сотир Лукровски, сè уште бара мирување и изрази надеж дека тој наскоро ќе се врати на редовното извршување на своите работни обврски.

Одговарајќи на новинарско прашање зошто Лукровски сè уште не се вратил на работа иако неговото комисиско боледување беше до 30 мај, Мицкоски рече дека според информациите со кои располага, здравствената состојба на градоначалникот не му дозволува враќање на работното место.


„Јас како што знам, Сотир Лукровски е градоначалник на Карпош. Здравствената состојба е таква каква што е и бара мирување, се надевам дека сè ќе биде во ред и ќе се врати на редовно извршување на работите“, изјави Мицкоски при посетата на Институтот за јавно здравје.

Лукровски веќе еден месец е отсутен од функцијата поради боледување, а во меѓувреме неговите обврски ги извршува заменик-градоначалникот Неделчо Крстевски. Тој во изминатиот период присуствуваше на јавните настани на Општината и редовно информира за активностите преку видеа и објави на социјалните мрежи.

Отсуството на градоначалникот беше тема и на прес-конференција на поранешниот градоначалник на Карпош, Стевчо Јакимовски, кој на 26 мај упати остри критики на сметка на Лукровски.

Јакимовски тогаш тврдеше дека Лукровски „боледува од неработење и неодговорност“ и обвини дека бил забележан во трговскиот центар „Сити мол“ додека бил на боледување.

„Во Македонија се појави нова медицинска гранка, ниту е кардиологија, ниту е неврологија, ниту е психијатрија. Во Македонија изгледа се појави таа нова медицинска гранка што се вика ‘шопинг-медицина’. Новата терапија, очигледно, се спроведува околу ‘Сити мол’ и во ‘Сити мол’“, изјави тогаш Јакимовски.

Засега нема официјални информации кога точно Лукровски ќе се врати на работа, а премиерот порача дека најважно е неговата здравствена состојба целосно да се стабилизира.

Можете да прочитате

Викендов „Лајка фест“ во Градскиот парк

Меџити: Паркот „Ринија” во Топанско Поле добива нови рекреативни содржини

Утре посебен сообраќаен режим во Скопје