Меѓународниот фестивал за литература и илустрација за деца „Литера“ ги додели признанијата за најдобри изданија во изминатите две години и со тоа го заокружи своето петто издание, што годинава се реализираше од 23 до 27 мај во Музејот на град Скопје.
Наградата за најдобра сликовница го доби „Невидлива куќа“ по текст на Билјана Црвенковска, со илустрации на Ване Костуранов, во издание на „Чудна шума“ од 2021 година. Признанието за најдобра илустрација го доби сликовницата „Страшна ноќ“ на Наташа Андонова, работена по текст на Славко Јаневски, издание на „Темплум“.
Признание за најдобар текст доби „Ведра“ на Јулијана Величковска, со илустрации на Марио Каев, издание на „ПНВ Публикации“. За најиновативно издание е прогласена „Ветерната приказна“, графичка новела по текст на Ника Гавровска, со илустрации на Наташа Андонова, издание на „Гаврош“.
– „Литера“ е на прагот на шестото издание и прераснува во зрел фестивал кој дава шанса за литературата за деца и за илустрацијата во Македонија – истакна новинарката Ана Зафирова.
Софија Семенпеева, идеен креатор на фестивалот им се заблагодари на гостите од Хрватска, илустраторите Доминик Вуковиќ, Николина Манојловиќ-Врачар и Бранка Холингсворт-Нара и рече дека се надева дека тие дома ќе однесат и парче од „Литера“. Таа им додели признанија и на децата што учествуваа на Летниот креативен камп на „Литера“ кој лани се одржа во Богданци, а чии дела беа изложени на фестивалот.
Уметниците-добитници на признанијата беа пријатно изненадени.
Наташа Андонова рече:
– Останав без зборови. Има многу сликовници со одлични илустрации и сите може да бидат најдобри – рече таа.
За Јулијана Величковска признанието е стимулација. Таа се надева дека „Ведра“ ќе им се допадне и на многу други деца. Ника Гавровска рече дека која ја пишувала книгата воопшто не мислела дека ќе влезе во категорија иновативно издание. За соработката со илустраторката Наташа Андонова вели дека се нашле на интуинтивно, женско ниво. Ване Костуранов вели дека е предизвик да се направи добро дело, а задоволството е големо што „Невидлива куќа“ добива награди.
Признанија за учеството на „Литера 2023“ добија и македонските илустратори Александар Иванов, Викторија Егорова, Гоце Илиевски, Калипои Трпчева и Сања Симоска, чии дела наесен ќе бидат изложени во Македонскиот културно-информативен центар во Загреб.
Фестивалот „Литера 2023“ се одржа од 23 до 27 мај, а покрај големата изложба на илустрации се одржа и конференција, професионални работилници за илустрација, за деца, читања сликовници, промоции. Фестивалот го посетија многу граѓани и странски туристи, а се одра со поддршка од Министерството за култура, Халкбанк, Ефектива, Органик нар, Умно.мк , Скопска пивара и други.
Фестивалот го поддржа Министерството за култура, Халкбанк, Ефектива, Органик нар, Умно.мк и други.