Англискиот фудбалски судија, Ли Мејсон си заминува од Асоцијацијата на судии (ПГМОЛ) и веќе нема да суди по скапата грешка на мечот Арсенал-Брентфорд, кога како ВАР-судија „заборави“ да ги повлече линиите за офсајд и го призна голот на Брентфорд за 1:1 реми.
Голот на Ајван Тоуни беше признат од ВАР и покрај тоа што беше очигледно дека Кристијан Норгард беше во офсајд позиција пред да му асистира, по што менаџерот на Арсенал, Микел Артета изјави дека му се „украдени два поени“ во борбата за титулата.
Директорот на ПГМОЛ, Хауард Веб ја призна грешката на Мејсон, и сега преку соопштение потврди дека тоа ќе биде последен меч на 51-годишниот Мејсон во Премиерлигата.
„ПГМОЛ потврдува дека ВАР-судијата, Ли Мејсон си заминува од организацијата со взаемна согласност. Ли беше премиерлигашки судија 15 години во кои водеше 287 меча во Премиерлигата, а вкупно во кариерата имаше над 500 мечеви во различни лиги. Му благодариме за неговата посветеност на професијата“, велат од ПГМОЛ.
Судијата Ли Мејсон исфрлен од ВАР-должноста по скандалот на Арсенал-Брентфорд