Утрински Весник
Скопје

Левица: Вмровските градоначалници ја преспаа превенцијата – епидемијата е доказ за нивната неодговорност и неспособност

Levica.jpg

Соопштение за јавност на Левица:

Епидемијата од западнонилска треска во скопските општини е уште еден печат на неспособноста, неодговорноста и неажурноста на вмровската власт која имаше цела пролет и половина лето да го пресретне ризикот. Комарците не се појавија преку ноќ, сезоната не беше изненадување, а западнонилскиот вирус не е нова и непозната закана. Сепак, ДПМНЕ и вмровските градоначалници успеаја една од најпредвидливите сезонски опасности да ја дочекаат со задоцнета дезинсекција и никаква превенција. 

Со години недостасува целосен ентомолошки надзор кој би служел како аларм пред вирусот да стигне до луѓето. Наместо да се чекаат заболени, се поставуваат стапици и систематски се следи бројноста на комарците, особено Culex – главниот преносител на западнонилскиот вирус. Уловените комарци се тестираат за да се утврди дали го носат вирусот, се мапираат местата каде нивната бројност расте, а со сентинелен надзор може дополнително да се следи дали вирусот веќе циркулира на одредена територија. Така институциите добиваат предупредување пред заразените граѓани да станат индикатор дека нешто тргнало наопаку. Но, и ДПМНЕ не се осмелува да расипе некој криминален дил за да се набави ваков нужен вид на превенција.

Дали воопшто знаеме дека прскањето што со години го плаќаме функционира? Никогаш не се мерело. Успешноста на дезинсекцијата не се докажува со тоа што авион прелетал над Скопје. Треба да се измери колку комарци од различните видови имало непосредно пред третманот, колку останале потоа и колкав процент од популацијата навистина е редуциран. Таков резултат не се бара ни како доказ за ефикасност во тендерската спецификација. Со други зборови, се плаќа средството и неговото распрскување, но не и докажан резултат од употребата. Дополнително, со години се користат исти активни материи – делтаметрин за третирање на возрасните комарци и BTI за ларвите, а повторуваната употреба отвора потреба да се проверува дали популацијата развила отпорност.

Посебно мора да се отвори и прашањето колку брзо се реагирало по секој потврден случај. Град Скопје и надлежните институции треба јавно, случај по случај, да ги објават датумот на потврдената дијагноза, датумот кога е дадена епидемиолошка индикација и датумот кога е извршена фокална дезинсекција во конкретната населба. Само така може да се види дали поминале часови, денови или недозволиво долг период додека вирусот веќе циркулирал. Ако Орце Ѓорѓиевски и Град Скопје сметаат дека системот функционирал беспрекорно, тогаш овие податоци треба да бидат најлесното нешто што можат да го стават пред јавноста.

Дополнителен скандал е што уште од 2022 година над скопската дезинсекција виси неодговорено прашање за Aqua K-Othrine. Тогаш самиот Bayer, производителот на препаратот, во писмен одговор посочи дека производот е одобрен за надворешна употреба во Македонија, но не и за апликација од авион или хеликоптер. И покрај тоа, препаратот со години се набавува за скопската дезинсекција преку „Приматекс Бранка”, а случајот повторно беше актуелизиран и во април годинава. Затоа Орце Ѓорѓиевски и Град Скопје нека одговорат: со кој препарат годинава се врши авионската дезинсекција, под кој број е регистриран, што точно дозволува важечкото одобрение и врз основа на која документација е дозволена неговата апликација од воздух?

А врвот на политичката безобразност го испорача Сашо Клековски, кој среде вакви институционални пропусти најде простор да им објаснува на граѓаните дека треба да бидат поодговорни. Кога властите доцнат со превенцијата, последното нешто што функционер на ДПМНЕ има морално право да го прави е да ја распределува вината кон населението. ДПМНЕ не може сопствената неажурност да ја претвори во лекција за туѓа одговорност. Кога системот ќе потфрли, а функционерите ќе почнат да го караат народот тоа е врв на ароганција на власт која за себе ги задржува функциите и буџетите, а последиците и вината им ги остава на граѓаните.

Можете да прочитате

Две улици во Центар денеска без вода

ДОМ: Недозволиво е Водно да биде жртва на профитерство – учествувајте во јавната анкета за ДУП-от „Барутана”

Левица: Орце прави спектакл за да си го крене рејтингот – една порака, цел политички циркус