Утрински Весник
Македонија

Левица: Уставниот суд се подготвува да ја зацементира цензурата врз нас

Levica.jpg

Соопштение за јавност на Левица:

Откако со месеци ја чуваше во фиока иницијативата на Левица за оценување на уставноста на членот 76 од Изборниот законик, Уставниот суд конечно најави дека предметот ќе се разгледува на 8 јули. Наместо да биде гарант на уставноста и еднаквоста, сѐ поизвесно е дека Уставниот суд, предводен од Дарко Костадиновски, се подготвува да ја легализира и зацементира институционалната дискриминација и медиумската цензура врз Левица.


Нa последните локални избори, за првпат во историјата на Македонија, парламентарна политичка партија со пратеничка група беше целосно исклучена од системот на платено политичко рекламирање. Спорниот член 76 создава затворен политички круг во кој само „двете најголеми партии” од власта и опозицијата располагаат со јавните финансии за изборна кампања, со билбордите, телевизиите, радијата и интернет-порталите. Наместо политички плурализам, се воспоставува медиумски монопол и системска цензура, со што директно се нарушуваат темелните уставни принципи на еднаквост, демократски натпревар и политички плурализам.

Доколку Уставниот суд одлучи да го аминува овој очигледно дискриминаторски модел, ќе покаже дека не е чувар на Уставот, туку заштитник на партиските интереси на власта. Таквата одлука нема да биде уставен став, туку политичка порака дека судската власт е подготвена да ја легализира цензурата врз секој што го нарушува комфорот на бипартизмот. Особено загрижува што ваквата сервилност на претседателот на Уставниот суд Дарко Костадиновски кон власта отвора сериозни сомнежи дека неговата лојалност нема да остане без награда. Јавноста веќе со право се прашува дали за возврат ќе следува одамна најавуваното професорско место на Универзитетот во Штип, како политички надомест за услугите кон власта.

Правната рамка која дозволува една парламентарна партија фактички да биде избришана од изборното рекламирање претставува институционална неправда и правна несигурност. Таквиот закон не обезбедува еднаквост пред законот, туку создава привилегирани и дискриминирани политички субјекти, што е спротивно на Уставот и на основните демократски стандарди.

Можете да прочитате

Филков пред амбасадорите на ЕУ: Најобемниот реформски циклус во правосудството е веќе реалност

МЗ: Сите хируршки сали на Клиничкиот центар работат непречено, нема одложување на операции

Штипјанец се обидел да ѝ ја запали куќата на бившата партнерка