
Соопштение на Левица:
Левица дава целосна поддршка на струмичките земјоделци кои храбро излегоа на улица во борба против понижувачките откупни цени на пиперката „куртовска капија”. Тие со месеци ја обработуваат земјата, вложуваат сопствени средства и го преземаат целиот ризик на производството, а сега за еден од најзначајните земјоделски производи во струмичкиот регион им се нудат потценувачки 25 денари за килограм.
Зад секоја нива стои семејство кое живее од земјата, а зад земјоделството стојат цели локални економии. Кога овие семејства ќе се откажат од производството, нивите остануваат празни, младите си заминуваат, а храната што можеме да ја произведеме овде ја купуваме однадвор. Македонија не смее да стане држава која увезува храна додека сопствените земјоделци ги остава без достоинствен приход.
Струмичките земјоделци бараат 50 денари за прва класа, 40 денари за мешана прва и втора класа и 20 денари за втора класа, фиксни откупни цени за целата сезона, навремена исплата на родот и исплата на заостанатите субвенции. Тие бараат услови во кои ќе можат да произведуваат и следната година, наместо секоја сезона да се прашуваат дали воопшто ќе можат да ги покријат вложените средства. Во услови на постојан раст на производствените трошоци, државата не смее да го остава производителот сам, на милост и немилост на откупувачите!
Министре Серафимовски, земјоделците не излегоа на улица за да бидат сослушани и повторно испратени дома со празни ветувања. Од Министерството за земјоделство се очекува конкретно решение за нивните барања и гаранција дека трудот на земјоделците нема да биде обезвреднет.
Левица се бори домашното производство да биде државен приоритет, а земјоделскиот труд да биде заштитен и соодветно вреднуван. Стоиме заедно со струмичките земјоделци и со секој македонски производител кој денес се бори за својата егзистенција и за опстанокот на домашното производство.
БЕЗ ЗЕМЈОДЕЛЦИ, НЕМА ХРАНА. БЕЗ ДОМАШНО ПРОИЗВОДСТВО, НЕМА ЕКОНОМСКА И НАЦИОНАЛНА СИГУРНОСТ!


