Утрински Весник
Македонија

Левица: СДС измисли нова „работничка политика” – народот да ги субвенционира газдите, а газдите да го собираат кајмакот

Levica.jpg

Соопштение за јавност на Левица:

Во очајнички обид да задржи барем трошка релевантност, партијата наречена СДС повторно ја бара Левица како виновник за сопствената политичка какафонија. Партијата која ги распродаде фабриките и претпријатијата на народот, која зад себе остави илјадници стечајци и деца со празни стомаци, која со години беше на власт и ја уби секоја надеж кај граѓаните дека утре може да биде подобро, денес се обидува да ни држи лекции за минималната плата.


Предлогот за кој СДС направи цел театар предвидува државата да му го плаќа работникот на газдата, а газдата да го присвојува профитот од неговиот труд. Значи, разликата од сегашните 450 до предложените 600 евра нема да ја плаќаат газдите од сопствениот профит, туку државата со народни пари.

А тие пари што би оделе кај газдите се ВАШИ ПАРИ од даноците од ВАШИТЕ плати. Тоа се средства кои, со одговорна и народна политика, можат да одат во изградба на болници, училишта, патишта, јавен превоз и инфраструктура што му служи на целото општество. Наместо тоа, СДС предлага дел од тие средства да завршат кај приватните компании за да можат тие со јавни пари да ја исплаќаат платата на својот работник.

А најдобар доказ за тоа колку олигарсите од СДС се ОДЛЕПЕНИ ОД РАБОТНИЧКАТА РЕАЛНОСТ е што за овој предлог воопшто не ни разговарале со синдикатите. Во време кога синдикатите веќе јасно укажуваат дека приказната за 600 евра е застарена, СДС ни продава стара политика во ново кич пакување. Со секојдневното растење на синдикалната кошница, за еден човек да обезбеди колку-толку нормален, иако сè уште крпен живот, синдикатите се изјаснија дека потребни се најмалку 800 евра.

Левица минатата година, според тогашната синдикална кошница, предложи минимална плата од 500 евра во координација со синдикатите, а паралелно со тоа отвори и поширока борба за намалување на експлоатацијата на трудот.

Предложивме шестчасовен работен ден, регулирање на патните трошоци, исплата на платите најдоцна до петти во месецот и флексибилно работно време за родителите на деца до шест години. Предложивме породилното отсуство да се зголеми од девет на осумнаесет месеци, заштита на работниот однос на бремените работнички и почитување на законското право на седум дена боледување без работниците постојано да бидат изложувани на сомнежи и проверки.

Сите овие мерки се дел од истата борба: работникот да има повеќе слободно време, сигурно работно место, заштита кога ќе се разболи и плата со која ќе може достоинствено да живее. Не е доволно само да се зборува за повисоки плати додека се одржува системот во кој работникот го создава богатството, а олигархијата го присвојува.

А над сето ова стои СТРАШНОТО прашање од кое СДС секогаш бега: КОЈ ЈА ПОСЕДУВА ЕКОНОМИЈАТА И КОМУ МУ СЛУЖИ ДРЖАВАТА?

И баш тука ни се разделуваат патиштата со КАПИТАЛИСТИЧКОТО СДС: Нивниот води кон продолжување на капиталистичката приватизација, евтината работна сила и државните субвенции за газдите. Нашиот кон јавна контрола врз стратешките ресурси и економија во служба на работничкото мнозинство.

Едниот пат го одиме веќе 35 години и го знаеме катастрофалниот резултат. Ајде да видиме каков е другиот.

Можете да прочитате

Еден томограф на Радиологија повторно работи, прегледи ќе има и за викенд

Пред нас се два продолжени викенда во октомври – еве кога ќе одмараат граѓаните

СДСМ: Арамијата Христијан повторно ни се заканува, стравот му влезе во коски