Соопштение на Левица:
Пратеникот од Левица, Амар Мециновиќ, денес на прес-конференција соопшти дека Левица во текот на вчерашниот ден поднела Предлог-закон за измена на Законот за потрошувачи со којшто се предлага укинување на двојазичните декларации на производите.
„Ова го нудиме во насока на зачувување на функционалноста на општеството и сврзувањето во нашето општество и во насока на зачувување на унитарноста на државата. Ова го нудиме наспроти јазичната сегрегација која веќе одамна партиите на елитата пробуваат да ја воспостават во Република Македонија. Нашата законска измена не е водена од емотивни причини, туку, просто, за зачувување на општото комуникациско средство за граѓаните во Република Македонија” – истакна пратеникот Мециновиќ на денешната прес-конференција.
Мециновиќ потсети дека двојазичните декларации биле протуркани на брза лента од страна на екс-министерот Крешник Бектеши од ДУИ и напомена дека истиот произлегува како ефект од т.н. Закон за двојазичност за којшто Уставниот суд има закажано седница во март.
„Законот има за цел и да ја исправи неправдата наметната врз македонските производители и потрошувачи кои со години трпат административни и финансиски товари наметнати од клиенталистичките политики на режимските партии. Со овој Закон бараме укинување на обврската за задолжителна двојазична декларација на производите и наместо тоа, трговците ќе имаат обврска само на македонски јазик и неговото кирилско писмо да ги доставуваат информациите за производите, а можноста за користење на други јазици е нивно дискреционо право, како што треба и да биде” – образложи пратеникот од Левица.
Тој истакна дека овие измени се неопходни бидејќи актуелниот закон наметнува дополнителни трошоци на малите и средните трговци кои се соочуваат со економска криза.
„Оваа бирократска заврзлама директно ги става во неповолна положба македонските производители, особено оние кои произведуваат за извоз и за региони во кои не е потребна двојазична декларација” – акцентираше пратеникот.
Како цел на овие законски измени поднесени од Левица, Мециновиќ сумираше дека е: Да се заштити македонскиот јазик како единствен службен јазик во целата држава, со цел општа комуникација за сите граѓани во Република Македонија; Намалување на трошоците за производителите и трговците и олеснување на административните процедури со избегнување на дополнителните обврски наметнати во време на економска криза.
Мециновиќ кажа дека очекуваат жестоки напади од режимските партии и партиите на естаблишментот кои ја користат јазичната сегрегација за поделба на политичкиот плен и деинтеграција на сврзните ткива на нашето општество.
„Но, сепак, очекуваме поддршка, бидејќи сите овие ефекти произлегуваат од противуставен закон чии ефекти треба веќе да се анулираат” – заклучи пратеникот од редовите на Левица.