Утрински Весник
Македонија

Левица: Парното поскапе двапати за осум месеци, а Мицкоски пљачката ја прекрсти во „најниска цена во регионот”

Levica.jpg

Соопштение на Левица:

Во 2022 година, Мицкоски тврдеше дека поскапувањето на парното е пљачка на граѓаните, дека е последица на лоповлук и дека семејствата ќе плаќаат и до 120 евра повеќе годишно. Денес, кога Мицкоски е премиер, за само осум месеци им приреди на скопјани две последователни поскапувања – 5,9% од декември 2025 година и нови 5,96% од август 2026 година, односно кумулативно зголемување од приближно 12,2%.

Додека беше во опозиција, поскапувањето беше грабеж. Откако седна во премиерската фотелја, грабежот доби ново име: „минимална корекција” и „најниска цена во регионот”.

Очигледно, според енергетската доктрина на премиерот „енергетичар”, цената не зависи од трошоците и животниот стандард, туку од тоа кој ја контролира Владата. Кога сметките на граѓаните ги покачува ДПМНЕ, дури и тоа се обидуваат да го прикажат како е успех.

Од декември, просечната сметка беше зголемена за околу 130 денари. Од август следува ново зголемување од околу 140 денари за стан од 60 квадратни метри. Наместо да го спречи вториот удар врз семејните буџети, РКЕ под раководство на Ацо Ристов (бизнис пријателот и сопартијец на Мицкоски) го прогласува за минимално поскапување, како граѓаните да треба да бидат благодарни.

РКЕ не е аукциска куќа, ниту ценовен нотар на снабдувачите. Нејзина обврска е до последен денар да ги преиспита трошоците, загубите во мрежата, бројот и продуктивноста на вработените, оправданоста на инвестициите, набавните цени, регулираниот принос и секоја ставка што се вградува во крајната сметка.

Посебно навредлива е тезата дека Скопје имало поевтино парно од Белград, Љубљана, Софија или Сараево. Македонскиот работник не зема љубљанска плата, не располага со белградски семеен буџет и не живее со софиски приходи. Платите на македонскиот работник се најмизерни во Европа! Тој живее во Македонија, каде што храната, домувањето, струјата, водата и греењето секој месец одземаат сè поголем дел од платата.

Цената сама по себе не кажува ништо без куповната моќ. Единствената чесна споредба е колкав процент од минималната и просечната плата оди за парно? Колку работни часови му се потребни на еден работник за да ја плати сметката? Колкав дел од приходите останува на едно четиричлено семејство откако ќе ги плати основните потреби?

Дополнително, не може механички да се споредува годишната цена во различни градови без да се споредат квалитетот и обемот на услугата, часовите на испорака, дали системот обезбедува санитарна топла вода, начинот на субвенционирање, енергетската ефикасност на зградите и, најважно, начинот на мерење на потрошувачката. Во Скопје парното се испорачува во определен дневен период и не обезбедува топла вода за домаќинствата, што дополнително ја прави голата регионална споредба манипулативна.

Уште поскандалозно е што голем број домаќинства и понатаму ја плаќаат топлинската енергија преку распределба според квадратура, наместо според реалната потрошувачка во секој стан. Од граѓаните се бара да штедат, но системот не им овозможува заштедата правично да се одрази врз сметката. Така, дисциплинираниот потрошувач може да ги намали радијаторите, но не и сметката во соодветна мера.

Европските правила за енергетска ефикасност предвидуваат индивидуални мерачи каде што тоа е технички изводливо и економски оправдано, а каде што не е – распределувачи на топлина или други правични методи за пресметување на реалната потрошувачка. Енергетската заедница, чија членка е Македонија, бара транспарентно фактурирање, заштита на ранливите потрошувачи и поефикасни системи за централно греење.

Затоа, Владата и РКЕ не треба да одржуваат прес-конференции за релативизирање на поскапувањето, туку веднаш:

– Да ја објават целосната пресметка на новата цена – колку изнесуваат реалните трошоци, колку се признати трошоци според тарифната методологија и колкав е регулираниот приход;

– Владата да воведе автоматски механизам за заштита на домаќинствата со ниски приходи;

– Да објаснат зошто илјадници домаќинства и понатаму плаќаат според квадратура, наместо според реално измерена потрошувачка;

– Владата и РКЕ да објават јасен план со рокови за воведување индивидуално мерење или распределувачи на топлина каде што тоа е технички возможно, за секој да плаќа според реалната потрошувачка, а не според квадратура како што бара Енергетската заедница.

Можете да прочитате

За пет часа 59 санкции за возачи на мотоцикли и тротинети во Кочани и Виница

Голема акција на Богородица: Запленети 5.000 штеки цигари вредни 9 милиони денари

Реакција од СДСМ на интервју на премиерот Мицкоси