Утрински Весник
Скопје

Левица: Орце вели дека снегот не може да го изненади, а ЈСП најави редуцирање на автобуси поради временски услови

Levicza 2.jpg

Соопштение за јавност на Левица:

Додека градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски самоуверено порачува дека „снегот не може да го изненади”, официјалното соопштение на Градот Скопје и ЈСП најавува кратење линии и редуцирање на јавниот превоз. Оваа очигледна контрадикторност ја оголува вистината дека институциите не се подготвени, туку однапред ја релативизираат сопствената неорганизираност и нефункционалност.

Во услови на ниски температури и можни снежни врнежи, одговорна власт не редуцира, туку напротив – го зајакнува јавниот превоз. Зачестени линии, сигурни интервали и функционални возила се предуслов граѓаните да не бидат турнати на „тенок лед”, принудени да користат автомобили, да се заглавуваат во сообраќајни метежи и да ја ризикуваат сопствената безбедност поради недостапен или нерегуларен јавен транспорт.

Со соопштението на Град Скопје, практично се признава дека системот не е во состојба да функционира во елементарни зимски услови и дека наместо организација и засилување на превозот, се избира редукција и правдање со временските прилики. Тоа е директен доказ за управувачка неспособност и за целосна отуѓеност од реалните потреби на граѓаните.

Особено е цинично што Орце Ѓорѓиевски и ДПМНЕ глумат кризен менаџмент и стабилност, додека токму нивната партија, заедно со Мицкоски, со години го разнебитува јавниот превоз: преку блокади на набавки, партиски поставувања во ЈСП и политичка незаинтересираност за секојдневниот пекол на патниците за што сведочи и сѐ уште нераспишаниот нов тендер за набавка на нови автобуси. 

Со други зборови, „подготвеноста” на Орце, ДПМНЕ и Мицкоски не значи подготвен систем, туку подготвена пропаганда. Подготвени се да се мачкаат очи и наоѓаат алиби за неспособноста и неодговорноста. Подготвени се за статуси и камери, но не и за реална организација. А цената за таа нивна неспособност повторно ја плаќаат граѓаните – смрзнати по постојки, заглавени во сообраќај и оставени без функционален јавен превоз.

Можете да прочитате

Општина Аеродром бара работници за одржување јавна чистота

Се реконструира улицата ,,Светозар Марковиќ” во Центар

„Комунална хигиена“ во февруари собрала 11.000 тони комунален отпад