
Соопштение на Левица:

Вчера се одржа есенското Советување на советничките групи на Левица од општините Аеродром, Кисела Вода, Центар и Карпош, под координација на потпретседателот на Левица и пратеник во Собранието на Република Македонија, м-р Реџеп Исмаил – Хактан. Советниците ги утврдија заедничките правци на делување за претстојниот период, со јасна цел локалните проблеми на грѓаните повеќе да не остануваат затворени во општинските канцеларии, туку организирано, упорно и институционално да се отвораат пред јавноста и пред оние што носат одлуки.
Во центарот на заедничкото делување ќе бидат проблемите што директно го влошуваат животот на скопјани: загадувањето, урбанистичкиот хаос и узурпацијата на јавниот простор, условите во градинките и недомаќинското трошење на народните пари. Посебен фронт ќе биде борбата против урбанистичката мафија и моделот во кој зеленилото, природното наследство и просторот што им припаѓа на сите се третираат како плен за приватен профит.
Левица ќе го прошири фронтот и ќе продолжи со институционален и јавен отпор кон урбанистички решенија кои го загрозуваат хуманото живеење, со посебен акцент на случајот Барутана/Водно. Водно не е градежна парцела, туку заеднички природен бисер на скопјани кој мора да се заштити од бетонизација и узурпација од страна на богаташите збогатени со народни пари.
Истовремено, советничките групи ќе отворат сериозна контрола врз состојбата во јавните градинки и индустриското загадување. Ќе се бараат конкретни податоци за листите на чекање, капацитетите, бројот и условите на вработените, потребата од нови групи и плановите за проширување, затоа што јавната градинка мора да биде достапна услуга, а не привилегија за оние што имаат средства за алтернатива.
Во борбата против загадувањето, Левица ќе ги користи сите советнички и институционални механизми за барање мерења, инспекциски надзори, јавни расправи, документи и одговорност од надлежните институции. Посебен фокус ќе биде ставен на случајот УСЈЕ, како симбол на потребата граѓаните да имаат јасни, достапни и проверливи информации за загадувањето и за постапувањето на институциите. Скопјани не смеат да бидат жртви на профитот на поединци кои дури не се ни жители а ниту пак државјани на Република Македонија.
Под засилена контрола ќе биде и трошењето на јавните пари. Советниците на Левица ќе бараат за секој поголем проект да се знае колку чини, од каде се обезбедени средствата, колкав дел е реализиран, кој ја добил работата и што конкретно добиле граѓаните за потрошените милиони. Политиката на сечење ленти, маркетинг и самофалење со туѓи и народни пари мора да биде заменета со мерливи резултати и јавна одговорност.
На Советувањето беше потврдена заедничката определба советниците на Левица да настапуваат координирано, организирано и борбено, водени од јасна идеолошка позиција: локалната власт не смее да биде продолжена рака на градежниот капитал, индустриските загадувачи и партиско-бизнис интересите.

Ги повикуваме жителите на Скопје, поединечно или како организации, активно да се вклучат во детектирање и отворањето на локалните проблеми преку пријави, документи, сведоштва и други форми на информирање до нашите советници. Левица останува автентичниот глас на отпорот во општините против бетонизацијата, загадувањето, распродажбата на јавниот простор, распадот на јавните услуги и недомаќинското трошење на народните пари.

