Утрински Весник
Македонија

Лекарската комора одбележува 34 години од основањето, и отворено историското катче на медицината

Image 2026 06 05 163905773.png

Лекарската комора на Република Северна Македонија денеска, го одбележа својот значаен јубилеј – 34 години од формирањето на Комората. Во рамките на свеченоста, официјално беше отворено и историско катче на медицината, лоцирано во просториите на Комората.

Овој простор е замислен како траен чувар на меморијата за развојот на македонското здравство каде што преку документи, фотографии и предмети се сведочи за патот, предизвиците и успесите на медицинската професија во нашата земја.


Пред присутните и медиумите, раководството на Комората се осврна на изминатите три децении, потенцирајќи ја клучната улога на институцијата во заштитата на професионалноста, дигнитетот и правата на лекарите, како и во постојаното унапредување на здравствениот систем.

„Овој јубилеј не е само потсетник на денот кога ги поставивме темелите на Комората, туку и на одговорноста што ја носиме кон сите генерации лекари пред нас и оние што доаѓаат. Историското катче на медицината е израз на нашата почит кон сите колеги кои го вложиле својот живот во македонското здравство и оставиле траен белег на нашата професија“, истакна проф. д-р Калина Гривчева Старделова, претседателка на Комората.

На настанот беше истакнато дека Комората и во иднина ќе продолжи активно да работи на подобрување на статусот на докторите по медицина, континуираната медицинска едукација и градењето на одржлив здравствен систем.

Присутните имаа можност да го разгледаат новоотвореното катче и да се запознаат со изложените историски материјали. Изложените предмети се донација од семејството на д-р Ѓорѓи Дудев (1905 – 1957) кој бил меѓу првите дипломирани лекари од прилепскиот регион. Д-р Дудев медицински факултет завршил во Белград, а како доктор работел во Прилеп, Скопје и во другите градови низ државата и активно учествувал во воспоставување на здравствениот систем во нашата земја по Втората светска војна. Во знак на благодарност, Комората на внуците на д-р Дудев врачи благодарница за афирмација на историјата на медицината.

Лекарската комора е формирана на 5 јуни 1992 година, на иницијатива на неколку доктори од Македонско лекарско друштво. Првата конститутивна седница на Собранието на Комора е одржана во просториите на поранешна Воена болница. Десет години подоцна Комората добива јавни овластувања за издавање на лиценци за работа, организирање на полагање стручен испит и акредитација на настаните од континуираната медицинска едукација со што се воспоставува многу значаен систем за регулирање на медицинската професија кој директно нè приближува до европските стандарди.

Можете да прочитате

Ученици од Скопје и Крива Паланка на  церемонијата на менување на државното знаме во претседателскиот кабинет

СВР Штип апелира до граѓаните да не бидат мета на измами за лажни операции на нивни блиски

Кога еко-активизмот станува блокада за развојот?