Од денес стапи на силата мерката за ограничени маржи на над 70 продукти, што треба да резултира со намалени цени на основните производи.
24инфо.мк направи проверка вчера и денес на цените на одредени продукти во еден домашен синџир на маркети.
Од споредбата на вчерашните и денешните цени, очигледно е намалување на цените на одредени продукти иако доста од продуктите се со исти цени (најверојатно затоа што не се намалила маржата, односно затоа што и претходно била под 10 проценти)
Па така, осетно намалување има на цените на месото. Кога ќе се споредат цените се гледа дека свинското месо е поевтино од 17 до 20 денари за килограм, додека пилешкото се намалило за 10ина денари за килограм, а за симболични 10 денари е намалена цената на килограм замрзната риба.
Што се однесува пак на млечните продукти, во маркетот во кој ги споредувавме цените, забележавме дека одредени видови на сирења се намалени за 20 денари по килограм, додека млекото, јогуртот и киселото млеко се со исти цени како и вчера.
Лебот е со иста, овошјето и зеленчукот со намалени цени
Лебот (бел и полубел) се продава по идентични цени како и вчера, односно само еден вид на леб се денеска се продава за еден денар поевтино, додека намалување има во цените на овошјето и зеленчукот.
Килограм јаболки во маркетот каде што правевме споредба денеска се продава поевтино за 9 денари, цената на портокалот е намалена за 13, а на праските за 25 денари.
Поевтинети се цените на пиперките, доматот, на зелката, краставицата, компирот, кромидот и лукот.
Дел од граѓаните што ги затекнавме во маркетот велат дека не забележале некоја огромна разлика, но велат дека требаше да се застане на дивеењето на цените.
Од друга страна пак, Сојузот на синдикатите изрази загриженост дека трошоците за храна и пијалаци од август до септември се зголемиле за 717 денари.
Според нив, трговците ги искористиле најавите за воведување на ограничени маржи на основните прехранбени производи за да ги зголемат цените пред стапувањето во сила на владината одлука.
Владината мерка за ограничени маржи на сила ќе биде еден месец.