Утрински Весник
Македонија

ЛДП: Не било од левиот, туку од десниот џеб на народот, го демаскираме признанието за 5,5 милиони евра потрошени народни пари!

Ldp 960x505 1.jpg

Соопштение за јавност на ЛДП:

Болно понижување на интелигенцијата на македонските граѓани беше денешната прес-конференција на Владата. Да им тврдиш на луѓето дека 5,5 милиони евра се „нула денари трошок” затоа што парите биле земени од дивидендата на Државна лотарија, е навреда за здравиот разум. Парите на државна компанија и нејзината дивиденда се 100% народни пари! Тоа ќе ви го каже и некој со чист кец на ПИСА тестовите. Додека одговорни држави во светот, како Тајван, дивидендите од државните компании директно им ги префрлаат на граѓаните како кеш во нивните џебови, нашата Влада ги користи за партиски ПР-циркуси. Филозофијата на Владата е јасна: од левиот џеб се зема за тендери, а од десниот си правиме „огласи по мерка” за владини фестивали.


Сега на сите им е јасно зошто овој модел изгледа идентично со оној на Перпарим Бајрами и Артан Груби за „Лотарија 2023/2024″ за кој денес се води судска постапка. Изгледа Перпарим од надвор ги советувал како да ја реализираат операцијата „Лотарија 2026″, со единствена разлика што овие денес се фалат дека го прават тоа „гордо” и „без клечење”. Навистина, после ваквите оправдувања и она со „глупав” делува минирно! Треба да се правиме дека не разбираме или треба да аплаудираме додека тие се крунисуваат за нова македонска елита преку трошење на нашите пари?

По денешното признание, на сите во државата Конечно им стана јасно сѐ:

– Сега е јасно зошто си скроија Кривичен законик по сопствена мерка!

– Сега е јасно зошто си поставија свој јавен обвинител!

– Сега е јасно зошто бегаат од Европската Унија и нејзините правила!

Во Европската Унија ваквите комбинации меѓу државни компании, приватни фирми и владини ПР-спектакли се нарекуваат висока корупција и се гонат кривично, а кај нас се промовираат како „домаќинско работење”. Се извинуваме, кај нас се вика „општествена одговорност” на компаниите. По истиот овој коруптивен модел денес им функционираат и економијата, и здравството, и образованието.

ЛДП нема да молчи пред ова понижување: бараме итна одговорност и проверка на целата операција „Лотарија”, зашто државата не е нивна приватна сопственост, а граѓаните не се нивни декор! Државната комисија за спречување на корупцијата и Јавното Обвинителство мора да реагираат веднаш – затоа постојат и затоа се платени од народот.

Можете да прочитате

Клековски: 193 нови лекови на Есенцијалната листа – за првпат контрацепција и терапија за откажување од пушење

Митева: Ниту денар од Буџетот за прославата – 300 милиони денари обезбеди Лотарија

Командантот на Здружената команда на сојузничките сили на НАТО во Неапол во посета на нашата земја и Армијата