
Соопштение за јавност на ЛДП:
Кога сопствената неспособност, институционалниот колапс и границите кои функционираат како швајцарско сирење ќе ја загрозат државата, македонската влада има една единствена константна реакција – за секој мегаскандал, секој избеган криминалец и секое сопствено фијаско дежурен виновен им е секој друг освен тие самите. Додека целата јавност е бесна за мегаскандалот Михаилова, премиерот најавува интензивирање на средби и уверува дека евроинтеграциите продолжуваат без разлика на хаосот, вицепремиерот ја префрла вината те кон соседството, те кон опозицијата, а владејачката гарнитура демонстрира класична биполарна политика. Сосема друго зборуваа кога беа во опозиција, а сосема друго прават сега кога се во власт, при што светиот збор одговорност целосно го заменија со празни алибија и префрлање на топката.
Тие упорно носат розеви очила кога ја гледаат економијата, прават прекумерни задолжувања без мерка, се прават слепи пред распаѓањето на пензиските фондови и фактот што пари за субвенции нема, додека Собранието го користат исклучиво кога им е партиски потребно, а не за носење вистински системски закони. Одговорност, дами и господа од власта, имате одговорност која мора да ја преземете!
Наместо да преземат одговорност за фактот што државните институции се пропустливи како решето, тие се кријат зад празни изјави дека кога-тогаш правдата ќе стигнала до секого, мислејќи дека со краткорочно избегнување на вистината можат да го сокријат тоа што кредибилитетот се руши до темел, народот губи, а државата длабоко тоне.
Бидејќи во владината палата очигледно владее целосна загуба на самокритичноста и реалноста, Либерално-демократската партија има конкретен предлог за најавениот ребаланс на буџетот – нека се предвидат средства за купување на едно големо огледало кое ќе биде поставено во салата каде што се одржуваат владините седници, како и по едно во секој министерски кабинет. Ќе им дојде од голема полза кога секојдневно ќе се соочуваат со сопствените празни ветувања, неспособност и институционални катастрофи.
Притоа, ќе им треба вистинско огледало кое сурово и јасно ќе ја покажува реалноста на нивното владеење, а не некоја волшебна бајка како онаа од приказната за Снежана која ќе ги лаже дека се најдобри, најуспешни и најпаметни на светот. Додека власта не се погледне во вистинско огледало и не сфати дека сопствениот хаос не може да го покрие со ПР-трикови и бајки, Македонија ќе остане заложник на политичари кои живеат во илузија додека државата е понижена и на колена… од нив самите!



