Либерално-демократската партија (ЛДП) најостро го осудува неодговорното ширење на опасни содржини на социјалните мрежи, како последниот ТикТок „предизвик“ познат како „Супермен“, кој во последните 24 часа предизвика повреди кај шест деца низ Македонија.
Според ЛДП, најмладиот од повредените има само 10 години, а најстариот 17. Партијата оценува дека овие податоци се алармантни и укажува на сериозната закана што ваквите содржини ја претставуваат за физичкото и менталното здравје на децата, повикувајќи на итна општествена реакција.
„Немањето соодветна контрола врз содржините на социјалните мрежи овозможува ваквите „игри“ да стигнат до најранливите корисници. Ова е директен удар врз нашата колективна одговорност како родители, институции и општество,“ се вели во реакцијата.
ЛДП потсетува дека минатата година доставила предлог до Министерството за образование за регулирање на содржините на социјалните мрежи, но досега не се преземени конкретни чекори.
Партијата бара итно воведување на мерки за забрана на содржини што поттикнуваат насилство и саморазорувачко однесување, зголемување на надзорот и санкционирање на платформите што овозможуваат опасни трендови.
„Нашите најмлади заслужуваат безбедно детство исполнето со радост, а не со страв и последици од несреќни трендови,“ порачуваат од ЛДП.