Утрински Весник
Македонија

Лазовски: Никој во Македонија не може да зборува за продажба на „Алта банка“, одлуките зависат од Белград

Img 7786.jpeg

Македонските власти имаат ограничен простор да влијаат врз евентуалната продажба на „Алта банка“ во Битола, а можноста за таква трансакција ќе зависи и од текот на стечајната постапка во Србија. Ова го оцени економскиот аналитичар Славко Лазовски во емисијата „Ноќно студио“ на 4ТВ, предупредувајќи дека сопственичката структура на банката може да ја усложни нејзината продажба.

„Може да се случи ние воопшто да немаме можност да ја понудиме банката на продажба. Мислам дека во Македонија никој не може да зборува за продажба на Алта банка Битола, бидејќи таа е сопственост на субјект од Република Србија“, изјави Лазовски.


Според него, одлуките на надлежните органи во стечајната постапка во Србија ќе имаат клучна улога во тоа дали воопшто ќе може да се отвори постапка за продажба. Лазовски ги критикуваше политичките најави за таков исход, оценувајќи дека политичките власти немаат надлежност директно да одлучуваат за трансакцијата.

„Тоа се само политички изјави, за луѓе кои малку знаат за банкарските финансиски односи. Политичките власти воопшто немаат ингеренции да се мешаат во тие трансакции“, рече тој.

Лазовски го критикуваше и начинот на кој беа ограничени исплатите од банката. Според него, на граѓаните требало да им се овозможи да повлечат што е можно поголем дел од своите депозити, додека ограничувањата требало првенствено да се однесуваат на правните лица.

„Моите сознанија упатуваат на тоа дека, обратно, требаше на граѓаните да им се дозволи максимално да ги подигнат своите депозити, а ограничувањето да биде на страната на правните лица“, изјави Лазовски.

Тој предупреди и дека трансакциите извршени по започнувањето на постапката во Србија би можеле да бидат предмет на правно преиспитување. Според неговата оценка, понатамошните одлуки во Србија ќе влијаат врз тоа под кои услови би можело да се разговара за продажба на битолската банка.

Можете да прочитате

Лазовски: Владата има малку простор за потег, постапката во Србија е пресудна за „Алта банка“

Две години затвор за ексдиректорот на РЕК „Битола“ за тендер вреден над 11 милиони евра

Спасовски по реакциите од ВМРО-ДПМНЕ: Тој гест покажете му го на вашиот лидер