Утрински Весник
Македонија

Лажни лекари хараат „Ќерка ви умира, требаат пари веднаш“ – внимавајте нова измама

Svr bitola.webp.webp

Секторот за внатрешни работи Битола утрово информираше за нови случаи на телефонска измама во кои жртви се повозрасни граѓани, а измамниците повторно се претставувале како лекари.

Според полицијата, 84-годишна битолчанка била измамена за 9.600 евра, откако вчера околу 16:00 часот добила телефонски повик од лице кое се претставило како доктор. Измамникот ѝ кажал дека нејзината ќерка наводно се здобила со сериозни скршеници и дека е неопходна итна операција, за која биле потребни пари.


Жената, доведена во заблуда и вознемирена од информацијата, ги предала парите на лице кое дошло пред нејзината зграда. Подоцна, откако стапила во контакт со својата ќерка, сфатила дека станува збор за измама и случајот го пријавила во полиција.

Само ден претходно, слична измама пријавил и 83-годишен битолчанец. На истиот начин, измамник кој се претставил како лекар му соопштил дека неговата внука е тешко повредена и дека е потребна итна операција. Мажот бил измамен за 10.000 евра.

Од СВР Битола посочуваат дека двата случаи се извршени по идентично сценарио – измамниците телефонски создаваат чувство на итност и паника, по што жртвите ги предаваат парите на лице кое доаѓа директно пред нивниот дом.

Полицијата презема мерки за идентификација и пронаоѓање на сторителите, а апелира до граѓаните, особено до повозрасните лица, да не наседнуваат на вакви повици и секогаш најпрво да стапат во контакт со своите блиски или со полицијата пред да дадат пари.

Можете да прочитате

Малолетник без возачка возел низ Струга, полицијата го одзеде возилото

„Блокадафест“ пред Усје – Осум часа музика и протест за чист воздух

Советот на јавни обвинители: Немаме надлежност да вршиме надзор во случајот на Артан Груби