Утрински Весник
Свет

Кувајт за првпат по 30 години без извоз на сурова нафта во еден месец

20260503123856 big 730x400 1.webp.webp

За првпат по повеќе од три децении, Кувајт во април 2026 година, не извезол ниту еден барел сурова нафта поради блокадата на Ормуската Теснина, пренесува специјализираниот сајт за следење на испораките на нафта TankerTrackers.com. Како што се наведува, иако Кувајт и понатаму произведува нафта, која делумно се складира, а делумно се преработува во деривати од кои некои се извезуваат, во текот на април немало извоз на сурова нафта.

Ваква ситуација не е забележана уште од завршувањето на Заливската војна во 1991 година, а е последица на блокадата на Ормуската Теснина, клучната рута за транспорт на нафта од регионот. Поради поморската блокада на Ормуската Теснина, која го запре транспортот на нафта, државната компанија „Kuwait Petroleum Corporation“ беше принудена на 17 април да ја продолжи состојбата на виша сила на извозот на нафта.


Кувајт има максимален производствен капацитет од околу 3,2 милиони барели дневно, додека пред кризата производството изнесуваше околу 2,7 милиони барели дневно, а како што пренесува Си-Ен-Би-Си, на почетокот на мај производството е намалено на околу 1,2 милиони барели дневно.

Нафтата претставува основа на кувајтската економија, сочинувајќи околу 50 отсто од бруто домашниот производ, додека приходите од извозот на нафта обезбедуваат приближно 90 отсто од буџетските приходи на државата, покажуваат податоците на Светска банка.

Можете да прочитате

Зеленски: Украина погоди два танкери од „флотата во сенка“ во близина на руското пристаниште Новоросијск

Израел купува американски ловци Ф-35 и Ф-15

Предупредување од Москва: Светот се движи кон најголемата енергетска криза во историјата