
Во пресрет на големиот празник Успение на Пресвета Богородица и празникот на свети Јоаким Осоговски, патрон-заштитник на Општина Крива Паланка, како и закажаниот музички настан што ќе се одржи на 29 август на градскиот стадион во Крива Паланка, општината обезбеди повеќе бесплатни паркинг зони, со цел безбедно и организирано пристигнување на посетителите и непречено одвивање на сообраќајот.
Паркинг-просторите се распоредени на повеќе локации во и околу централното градско подрачје, а за полесна ориентација на граѓаните и посетителите е подготвена и мапа со сите паркинг зони и директни линкови за навигација до секоја од локациите.
Од општината нагласија дека на 29 август сообраќајот ќе се одвива по кружен режим, согласно поставената сообраќајна сигнализација и насоките на надлежните служби.
-Ги повикуваме сите учесници во сообраќајот да го почитуваат воспоставениот режим, со цел безбедно и непречено одвивање на сообраќајот и намалување на сообраќајниот метеж. Општина Крива Паланка апелира до сите учесници во сообраќајот да пристигнат навреме, да ја почитуваат поставената сообраќајна сигнализација и да ги следат насоките на надлежните служби, со цел безбедно и ефикасно регулирање на сообраќајот во услови на очекувана зголемена фреквенција. Воедно, упатуваме апел до нашите сограѓани да бидеме добри домаќини – доколку се во можност, на 29 август да ги остават своите возила дома и да овозможат повеќе расположлив паркинг-простор за гостите кои ќе пристигнат во нашиот град, се наведува во соопштението од службата за комуникација со јавноста на Општина Крива Паланка.
Оттаму повикуваат на одговорно однесување, меѓусебно разбирање и почитување на насоките, со цел безбеден, организиран и убав празничен ден во Крива Паланка.


