Утрински Весник
Свет

Кремљ: „Очигледно“ е дека Украина се обиде да ја нападне нуклеарна централа Курск

Ee 9 1.webp.webp

Кремљ уште еднаш ја обвини Украина дека е одговорна за нападите врз нуклеарната централа Курск во западна Русија, пренесе ДПА.

Обвинението дојде еден ден откако Рафаел Гроси, шефот на Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ), го посети објектот и предупреди за „исклучително сериозен“ ризик од нуклеарна несреќа таму.

Гроси истакна дека досега централата работи нормално, и покрај тврдењата на Русија дека украинските сили се обиделе да го нападнат местото со дронови како дел од нивниот голем прекуграничен упад на руска територија.

Тој за време на неговата посета рече дека бил информиран од Русија за наводни напади со беспилотни летала, но не објасни ниту обвини некого.

Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, денеска се осврна на посетата на Гроси.

– Гроси ги виде резултатите од нападите со дронови врз централата, ја процени заканата што тие напади можат да ја претставуваат, како и потенцијалната закана што останува, рече тој.

– Од разбирливи причини, МААЕ вели дека не е овластена да го именува сторителот на нападите, но во овој случај тоа е толку очигледно што нема двоумење. Вината на украинската страна за ескалација на нуклеарната опасност е повеќе отколку очигледна, рече Песков.

Рускиот претседател Владимир Путин минатата недела ја обвини Украина за обид за напад на нуклеарната централа, без да обезбеди никакви докази. Киев го негираше обвинението.

На 6 август, украински единици окупираа руска територија за прв пат од почетокот на инвазијата што ја нареди Путин во февруари 2022 година.

Можете да прочитате

Два брода со мигранти се превртеа кај Мадагаскар, 25 лица загинаа

Обилни снежни врнежи во Турција – затворени училишта и спасени стотици граѓани

Хамнеи: Смртна казна за израелските лидери, не само апсење