Утрински Весник
Македонија

Ковачевски: Не е точно дека подготвуваме бојкот, повикуваме на масовно гласање за претседател и нов парламент

Interv U Na Pretsedatelot Na Sdsm Dimitar Kovachevski 2.jpeg

Димитар Ковачевски, претседателот на СДСМ кажа дека не се точни информации за евентуален бојкот на вториот круг претседателски избори на 8. мај и ги повика сите граѓани масовно да излезат на гласање за вториот круг претседателски и за парламентарните избори.

-Тие информации не се точни. Јас вчера на митинзите во Сарај и Чучер Сандево повикував граѓаните да излезат масовно и на 8. мај да го поддржат Стево Пендаровски и коалицијата За европска иднина на парламентарните избори. Да избереме и претседател и парламент, за Македонија да го продолжи својот пат кон европските интеграции“, рече Ковачевски.

Тој повтори дека пораката од резултатите во првиот круг е примена, и дека ја очекуваат поддршката во вториот круг.

„Ние ја примивме пораката во првиот круг на претседателските избори за сите грешки коишто беа направени во текот на изминатите седум години. Седум години не е мал период на водење влада. Но, очекуваме со разговор со граѓаните во сите градови, во сите села во државата да ја добиеме поддршката во вториот круг за претседателскиот кандидат Стево Пендаровски. Со крената глава продолжуваме во вториот круг“, рече Ковачевски одговарајќи на новинарски прашања.

Тој вели дека знае од што се незадоволни граѓаните и дека главни теми што ги преокупираат се поголема борба со корупцијата, поголемо владеење на правото и поголем животен стандард. Но, клучен услов за сето тоа да се оствари, нагласи лидерот на СДСМ, е државата да стане членка на Европската Унија и затоа нивната програма е насловена „За европска Македонија“. Притоа посочи дека се зaлага за спроведување ветинг, т.е. проверка на имотот на сите судии, обвинители и политичари.

На прашањето од кого ќе добијат поддршка во втор круг и дали очекува прелевање гласови од други партии и од граѓани Албанци, одговори дека поддршка ја очекуваат од сите граѓани, без разлика на припадноста.

„Никој не ги има гласачите под своја контрола, да ги чува некаде и да ги наведува како да гласаат. Ние имаме кандидат кој е граѓански. Пендаровски е кандидиран со над 22 илјади потписи од граѓаните и е поддржан од коалицијата За европска иднина, вклучително и Социјалдемократскиот сојуз на Македонија. И тој јасно кажа на неговата прес-конференција дека ќе ја бара поддршката од граѓаните, а не од кандидатите кои не се пласирале во вториот круг“, рече Ковачевски.

Тој потврди дека како лидер на СДСМ има разговори со политичките партии.

Не е точно, рече, дека Пендаровски добил помалку гласови отколку што има членство СДСМ, затоа што, рече, партијата што ја предводи има 74 илјади регистрирани членови.

На прашањето дали ќе понесе одговорност и оставка поради слабите резултати, Ковачевски одговори дека до одговорност и за причините се доаѓа врз основа на анализи на ниво на општински организации во партијата, и на ниво на Централниот и Извршниот одбор.

„Потоа телата на партијата ги носат одлуките како партијата ќе продолжи понатаму. Така било од формирањето на партијата, така ќе биде и по овие избори и после секои други избори“, рече Ковачевски и додаде дека „стандардна процедура е во СДСМ“ е и во статутот е регулирано одржувањето конгрес со анализа на резултатите и потоа избори на кои се бара изјаснување за претседател на партијата и на партиските  органи.

 

Можете да прочитате

ВИКЕНДОТ ШТО ДОАЃА ЌЕ ДОНЕСЕ МНОГУ СВЕЖИ УТРА: Температурите ќе бидат потпросечни, а ќе се спуштат и до 3 степени

ЦИВИЛ со 80 набљудувачи ќе ги мониторира изборите

Руски хакери ги нападнале веб-страниците на косовски институции