Премиерот Димитар Ковачевски, заедно со министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски, како и со директорот на Платежната агенција, Никица Бачовски, во Свети Николе ги додели решенијата за набавка на трактори на 60 земјоделци од овој крај. Ковачевски во своето обраќање истакна дека ова е дел од вкупно одобрените 730 решенија за државна финансиска поддршка на земјоделци за набавка на трактори. Вакви решенија веќе се доделени во Битола и Прилеп.
„Распишаните четири јавни повици минатата година, меѓу кои и за поддршка при набавка на трактори, имаат рекордна заинтересираност досега. За нас, ова значи доверба на земјоделците во искрените заложби на Владата да ја помогнеме и унапредиме земјоделската дејност преку сите механизми што ни се на располагање. Тоа е поддршката преку државниот буџет, како и преку ИПАРД-програмите, преку кои создаваме современо, модерно, профитабилно, конкурентно, македонско земјоделство. Државната финансиска поддршка на земјоделците, во овој случај за набавка на трактори, е во форма на кофинасирање до 75 проценти од вредноста на тракторот. Но, слушајќи ги сугестиите на земјоделците од теренот, годинава креиравме и нова мерка за поддршка на бизнис-план во земјоделството. Преку отворен јавен повик земјоделецот има можност да добие поддршка до 10.000 евра за модернизација на своето производство избирајќи сам во што и кога ќе инвестира. Преку одговорниот пристап на работа на Владата, која првпат од независноста на државата го постави земјоделството, заедно со енергетиката, онаму каде што му е местото – меѓу приоритетните развојни дејности, постигнавме и низа конкретни резултати“, изјави Ковачевски.
Министерот Николовски на настанот зборуваше за поддршката на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство за модернизација на македонското земјоделство.
„Пред нас како министерство и Влада сите овие години си имаме поставено јасна цел – модернизација и развој на македонското земјоделство. Посветено работиме сите овие години во реализација на оваа наша поставена цел креирајќи конкретни мерки за поддршка на земјоделците да го модернизираат своето производство.
Модернизацијата на македонското земјоделство, покрај овој повик за набавка на трактори, ја реализираме и преку поддршката за набавка на силоси, потоа преку поддршката во изградба на мандри, поддршка за набавка на опрема за производство на тутун, набавка на специјализирани комбајни и сушници за ориз или системи капка по капка“, изјави Николовски.