Утрински Весник
Македонија

Ковачевски: Дигиталната трансформација е приоритет

Ковачевски: Дигиталната трансформација е приоритет

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски, денеска, со заменик на претседателот на Владата, задолжен за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции, Фатмир Битиќи, министерот за информатичко општество и администрација, Азир Алиу и директорот на Фондот за инвестиции и технолошки развој, Фестим Халили, на заедничка презентација, го претставија првиот дигитален асистент во јавниот сектор, базиран на вештачка интелигенција- АДА, дизајниран за потребите на програмите за државна помош. Се работи за проект поддржан преку Фондот за иновации и технолошки развој.

dobivaj vesti na viber

Во продолжение го пренесуваме интегралното обраќање на премиерот Димитар Ковачевски од настанот:

„ Република Северна Македонија се дигитализира. Нашата држава ги следи светските процеси и веќе е дел од бранот на нови, модерни, дигитални трендови, кои го зафаќаат секој аспект на нашето живеење и наједноставно може да се каже дека да, доаѓа АДА, што е првиот дигитален асистент некогаш направен во Владата на нашата држава.

Тука сме да го најавиме доаѓањето на првиот дигитален асистент базиран на вештачка интелигенција, преку којшто компаниите ќе можат да добиваат целосни информации за условите за инвестирање во нашата земја и државната помош која ја нудиме.

АДА ги нуди сите информации за финансиска поддршка од страна на државата, а ќе се надоградува и со други услуги од важност за деловниот сектор и граѓаните. Преку тоа, ќе влијаеме на зголемување на транспарентноста на сите институции, но и на намалување на корупцијата и елиминирање на човечкиот фактор во процесите.

Воведувањето на овој прв дигитален асистент, што е револуционерен чекор во нашето општество, ќе значи забрзување на процесите на давање услуги на заинтересираните граѓани и претставници на компании, коишто ќе можат да бидат услужени во неограничен број и тоа постојано, во текот на 24 часа.

Процесот на дигитализација е незапирлив, секаде во светот, па така и во нашата држава. Светските трендови се развиваат во правец на развивање и се поголема примена на вештачката интелигенција, која е навлезена во сите сфери од живеењето, преку склопување на машини и модернизација на процесот на производство, се до помош во домовите, па дури и создавање на дела и креации кои порано биле можни единствено со помош на човекот.

Можностите кои ги нуди вештачката интелигенција се неограничени. Тоа и се докажа преку брилијантниот успешен обид на творецот на вештачката интелигенција и на модерната когнитивна наука, Алан Туринг, преку декодирањето на познатата машина, Енигма, која Германците ја употребувале како сигурен начин за комуникација за време на Втората Светска Војна.

Визионерските обиди на Туринг, денес се реалност. Државите веќе се натпреваруваат во однос на подобрените перформанси на машините, производство на најсофистицирани софтвери и модернизирање на секојдневните навики на луѓето.

Употребата на вештачката интелигенција и компјутеризацијата се пресликува и применува и во јавната сфера, како и во работењето на нашите институции.

Па така, илустрирано преку едноставни примери, ако порано билетите ги издаваа луѓе, сега тоа го прават машините. Физичкото плаќање на сметки кое порано беше единствено можно преку шалтери, сега е заменето со онлајн плаќање, исто како што е овозможено и вадењето на лични документи да биде по електронски пат а она на што веќе работиме е електронски ИД за граѓаните на Северна Македонија.

Така, го исклучуваме влијанието на човечкиот фактор, можноста за грешки и за коруптивни практики. Водени од оваа идеја, за поздравување е воведувањето на АДА-првиот дигитален асистент за јавни услуги во давањето јавни услуги, со што ги надоградуваме нашите практики за дигитализација во општеството.

Како Влада, која е насочена кон осовременување и следење на светските трендови, во изминатиот период поддржавме, а и ќе продолжиме да поддржуваме поголем број на иновативни иницијативи. Беше формиран Националниот совет за дигитална трансформација на општеството, со усвојување на концептот за осовременување на функционирањето на сите институции.

Фондот за иновации и технолошки развој, преку своите финансиски инструменти, ко-финансира 1080 проекти, со заеднички инвестиции од околу 112 милиони евра. Од нив, над 50 % се старт- ап компании, основани претежно, од млади луѓе.

И оваа година продолжуваме со силна поддршка на компаниите за инвестиции кои ја зголемуваат конкурентноста преку иновативни идеи.

Минатата година, беше трета по ред, како компаниите, кои реализирале инвестиции, финансиската поддршка ја добија во целост, што е исклучително важно при планирање на расположливи средства во услови на криза.

Лани имавме рекордна исплата од 23 милиони евра, како и рекорден број на поддржани компании, 410 по Законот за финансиска поддршка на инвестиции. Бројот на компании како и буџетот за поддршка расте од година во година, почнувајќи од 2017 година, кога и почнавме со оваа програма.

Со цел да ги олесниме административните процедури, од 2020 година креиравме и one stop shop за инвестиции.

Сето ова го правиме со цел да помогнеме на домашните и странските инвеститори, да придонесеме за поголема конкурентност и ликвидност на компаниите, а преку тоа и во развојот на домашната економија. И тоа во услови на економска и енергетска криза, со цел, полесно да се справиме со предизвиците и да не дозволиме нарушувања и големи пореметувања во домашната економија.

Уште еднаш да ја поздравам денешната промоција на АДА и да посакам успешна имплементација на првиот дигитален асистент базиран на вештачка интелигенција со што Република Северна Македонија станува дел од глобалните дигитални светски трендови, рече Ковачевски.

Можете да прочитате

Бишев: Јавниот долг до крајот на годината би изнесувал околу 68,5%

Нов земјотрес вечерва повторно ја стресе Македонија

Перински: ЈП „Улици и патишта“ нема пари за плата, а не пак да чисти снег