Утрински Весник
Култура

Костадиновска-Стојчевска: Четиринаест милиони евра за квалитет, иновативност и креативност во проектите од национален интерес за културата во 2024

Ministerka Za Kultura.jpg

Министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска, на денешната прес-конференција по повод резултатите од Годишните конкурси за поддршка на проекти од национален интерес во културата за 2024 година, истакна дека оваа година за таа цел се издвоени милион и пол евра повеќе од ланскиот буџет.

„Вкупните средства наменети за финансирање проекти од национален интерес во културата за 2024 година изнесуваат  867 милиони и 600 илјади денари или 14 милиони евра”, информираше министерката Костадиновска-Стојчевска.

Министерката за култура соопшти дека годинава се пристигнати 3 132 пријави, од кои 313 се одбиени по административната проверка поради пријавување во несоодветна дејност, непотполна документација, а во некои случаи наместо документ бил приложен и празен лист. Од тие причини, таа ја поздрави секоја одлука на членовите на комисиите кои, како што рече, без двоумење поддржаа проекти што ги оценија како креативен блесок.

Костадиновска-Стојчевска информираше дека квалитетот, иновативноста и креативноста се врвни приоритети за секоја дејност во културата за 2024 година, и дека оваа година проектите од креативните индустрии се дел од Годишната програма, за што е отворена и нова буџетска линија.

„Во поголемиот дел од 26 пријавени проекти во оваа програма, комисијата препозна проекти за кои велат дека ги поместуваат границите и нудат поразлични перспективи во креативните индустрии”, рече министерката за култура.

Осврнувајќи се на резултатите во Годишната програма, министерката рече дека ја радува поддршката на млади автори, драматурзи, режисери, на нови, но и на докажани авторски имиња, како и поддршката на проекти кои одат во насока на деметрополизација на културата.

Министерството за култура во континуитет се грижи за одржување на темелните вредности на македонската култура и затоа и во 2024 година, во рамките на Годишната програма се поддржани значајни јубилеи и годишнини, како: 100 години од формирањето на првиот Археолошки музеј, 80 години од основањето на НУБ „Свети Климент Охридски”, 80 години Филхармонија, 75 години „Танец”, 20 години од трагичната смрт на претседателот Борис Трајковски. Ќе ги чествуваме и спомените на големите: Гане Тодоровски, Петре М. Андреевски, Томо Владимирски, Вангел Коџоман, Вангел Наумовски…

Заштитата на културното наследство останува во приоритетите на културните политики на Министерството за култура и Костадиновска-Стојчевска наброја некои од капиталните проекти од оваа област.

„Продолжува непосредната заштита на скопскиот Аквадукт и на црквата Света Богородица во Лешочкиот манастир; конзервацијата на Свети Ѓорги во Курбиново и на Сарајот на Нијази-бег во Ресен; непосредната заштита и реализација на проектот за конзервација и реставрација и препокривање на црквата Успение на Пресвета Богородица во Матејче; проектот за состојбата на црквата Успение на Пресвета Богородица во манастирот Трескавец; адаптација на Старото училиште во Љубојно во Центар за промоција на македонскиот јазик, како и заштитата и конзервацијата на културното наследство на Лазар Личеноски”, рече Костадиновска-Стојчевска.

Во делот на инвестициите, продолжува финансирањето на: Турски теaтар, Теaтар и библиотека во Тетово, Теaтар Куманово, реконструкција на Музејот на Северна Македонија, реконструкција, санација и адаптација на објектот на поранешното кино „Партизан” при НУ Народен театар Битола во мултифункционален центар, реконструкција со надградба и доградба на објектот Универзална сала.

Во однос, пак, на меѓународната афирмација на македонската култура, поддржани се проекти од повеќе дејности, автори и уметници со потврдена репутација, како и млади талентирани уметници. Костадиновска-Стојчевска во претставувањето на програмата спомна некои од приоритетите во меѓународната дејност, како што се: проектите за реализација во земјите претседавачи со Европската Унија, во градови – европски престолнини на културата; проекти кои се во функција на унапредување на Стратегискиот дијалог со САД; проекти за продлабочување на соработката со дијаспората; проекти за регионална соработка и поврзување.

На крајот од своето обраќање, Костадиновска-Стојчевска посака успешна реализација на проектите од Годишната програма за 2024 година.

Резултатите од конкурсите се објавени на веб-страницата на Министерството за култура:

Резултати од Годишните конкурси за финансирање проекти од национален интерес по одделни области и активности од културата за 2024 година – Министерство за Култура (kultura.gov.mk)

Можете да прочитате

Се заострува режимот за градби во старото градско јадро на Охрид 

Костадиновска-Стојчевска: Со отворена соработка со УНЕСКО и заеднички активности ќе го штитиме природното и културното наследство во Охрид

19 романи избрани во првата селекција за наградата „Роман на годината“