
Фондот за здравствено осигурување (ФЗО) најави нови правила за контрола на боледувањата, според кои контролори по случаен избор или по пријава од работодавач би можеле да проверуваат дали пациентот се наоѓа на домашната адреса.

Ова предизвика бурни реакции во јавноста, но ваквата најва дополнително отвора важно правно прашање: дали контролорите би имале право да влегуваат во домовите на граѓаните?
Краткиот одговор, според важечкиот Устав и законите, е – не. Контролорот може да дојде на пријавената адреса, да заѕвони и да побара контакт со осигуреникот, но без согласност на станарот нема право да го премине прагот на домот.
Од досега јавно презентираниот предлог на ФЗО, исто така, не произлегува дека контролорите ќе добијат право да влегуваат во становите и куќите. Најавено е дека доколку лицето не биде затекнато дома, контролорот ќе остави писмено известување, по што осигуреникот ќе треба да се јави пред надлежната лекарска комисија и да образложи зошто не бил на адресата.
Уставот ја гарантира неповредливоста на домот
Најважната правна пречка за евентуално влегување на контролорите во приватните домови се наоѓа во член 26 од Уставот на Република Северна Македонија.
Со оваа одредба се гарантира неповредливоста на домот. Уставот дозволува ограничување на ова право единствено со судска одлука и кога станува збор за откривање или спречување кривични дела или за заштита на здравјето на луѓето.
Тоа значи дека правилник донесен од Управниот одбор на ФЗО не може самостојно да им даде на контролорите овластување да влегуваат во приватни домови. За вакво ограничување не е доволен подзаконски акт, туку мора да постои јасна законска основа, а во конкретниот случај и судска одлука.
Член 25 од Уставот дополнително ја гарантира приватноста на личниот и семејниот живот, достоинството и угледот на секој граѓанин.
Истовремено, член 51 утврдува дека сите закони мора да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи, меѓу кои спаѓаат и правилниците, мора да бидат во согласност и со Уставот и со законите.
Оттука, ФЗО со правилник може да ја уреди постапката за проверка и ревизија на боледувањето, но не може да создаде овластување со кое би се ограничила уставно загарантираната неповредливост на домот.
Неовластеното влегување може да биде и кривично дело
Заштитата на домот е предвидена и во Кривичниот законик.
Според член 145, кривично дело претставува неовластеното влегување во туѓ дом, затворен или заграден простор што му припаѓа на домот, како и одбивањето лицето да се оддалечи кога тоа ќе го побара овластениот станар.
Посебна одговорност е предвидена кога делото ќе го стори службено лице при вршење на службата.
Затоа, фактот што контролорот е вработен или овластен од ФЗО не му дава автоматско право да влезе во нечиј дом. Тој мора да постапува исклучиво во рамките на овластувањата што му се дадени со закон.
Што би смеел да направи контролорот?
Контролорот би можел да дојде на пријавената адреса, да се легитимира, да заѕвони и да побара контакт со лицето што користи боледување. Доколку никој не отвори, би можел да состави службена белешка и да остави известување со кое осигуреникот ќе биде повикан да даде објаснување пред лекарска комисија.
Но без доброволна согласност на станарот контролорот не би смеел да влезе во станот, да ги разгледува просториите, да бара да провери дали пациентот лежи или да фотографира и снима во домот.
Дури и полициските службеници немаат општо право да влегуваат и да вршат претрес во дом без судска наредба, освен во строго определени итни случаи предвидени со закон. Административната проверка на боледување сама по себе не претставува таков случај.
Боледувањето не е домашен притвор
Другото суштинско прашање е дали пациентот мора постојано да биде во својот дом.
Привремената спреченост за работа не значи автоматски забрана за напуштање на живеалиштето. Лицето може оправдано да биде отсутно поради лекарски преглед, дијагностичко испитување, физикална терапија, посета на аптека или набавка на основни животни намирници.
Кај одредени здравствени состојби движењето и прошетките може да бидат и дел од препорачаната терапија. Можно е пациентот привремено да престојува и на друга адреса, на пример кај членови на семејството кои се грижат за него.
Поради тоа, фактот дека некој не бил затекнат дома не може автоматски да претставува доказ дека го злоупотребува боледувањето.
За евентуално укинување на боледувањето или на надоместокот мора да постои јасно утврдена постапка, медицинска проценка и можност осигуреникот да објасни зошто бил отсутен. Треба да биде обезбедено и право на приговор или жалба против донесената одлука.
Правилникот ќе мора прецизно да ги утврди границите
Новите правила ќе мора јасно да определат што точно проверува контролорот, во кој период може да ја посети адресата, како се легитимира, кои отсуства се сметаат за оправдани и што се случува доколку осигуреникот не биде затекнат дома.
Ако во конечниот правилник биде предвидено влегување во дом без согласност на станарот или без судска одлука, таквата одредба би била сериозно спорна од аспект на членовите 25, 26 и 51 од Уставот и би можела да биде предмет на иницијатива за оценување на нејзината уставност и законитост пред Уставниот суд.

Според сегашната правна рамка, контролорите можат да тропнат на вратата, но граѓанинот не е должен да им дозволи да влезат во домот. Контролата на боледувањето е легитимна цел, но таа мора да се спроведува без нарушување на приватноста и неповредливоста на домот.

