Утрински Весник
Македонија

Конфискација на дивоградби донесе поделби: за дел е решение, за други популизам, трети не сакаат да чујат

Конфискација на дивоградби донесе поделби: за дел е решение, за други популизам, трети не сакаат да чујат

Предлогот за конфискација на дивоградби и нивна пренамена во корист на општините, донесе поделеност кај градоначалниците, политичарите, архитектите. Дел поддржуваат иницијативата да се преточи во законски решенија, други сметаат дека е нереална, трети се децидно против. Иницијативата е на центарскиот градоначалник Горан Герасимовски, а намерата е да се интервенира во две законски решенија – Законот за постапување со бесправно изградени објекти и Законот за управување со конфискуван имот, имотна корист и одземени предмети во кривичната и прекршочна постапка.

dobivaj vesti na viber

Прва поддршка од ЗЕЛС

Иницијативата најпрво беше презентирана од страна на Герасимовски пред колегите во ЗЕЛС, односно градоначалниците од другите општини и градови. Тој им кажа дека целта е да се конфискуваат дивоградбите наместо да се уриваат. Дел од медиумите информираа дека добил поддршка од мнозинството колеги дел од ЗЕЛС, а присутни на седницата. Официјално соопштение од ЗЕЛС откако го добија планот на Герасимовски – нема.

Новиот министер за правда даде „амин“

Министерот за правда Кренар Лога го информираше Герасимовски за постоечките законски решенија, но и за новиот Предлог-законот за управување со конфискуван имот и предмети во кривична и прекршочна постапка, кој е во изработка, при што му изрази силна поддршка за иницијативата.

„Иницијативата е добра и за ова ја имате мојата целосна поддршка“, рече Лога.

Струга тоне во дивоградби, за Мерко конфискацијата не е решение

Струшкиот градоначалник Рамиз Мерко, чија општина тоне во дивоградби кои остануваат со години нерешлив проблем, а дел се и во крајбрежниот појас, не даде поддршка за оваа иницијатива. Тој смета дека треба да се казнат сите кои граделе бесправни градби, но не и да им се земе имотот.

„Сите имаме вина“, смета Мерко за дивоградбите.

Струга има 329 дивоградби за кои општинските градежни инспектори имаат изготвено активни решенија за уривање. Ниту еден од овие објекти не може да биде легализиран, бидејќи се изградени по 2011 година. Од нив, 44 објекти се на крајбрежниот заштитен појас. Струга има и 4.040 дивоградби кои треба да се отстранат бидејќи барањата за легализирање им се одбиени.

Пецаков решен да урива, но и да конфискува

Охридскиот градоначалник Кирил Пецаков, идејата за конфискација на дивоградби ја гледа како добро решение. Тој сепак посочува, дека ова треба да биде опција, но да остане можноста и за уривање. Се ќе биде зависно од локацијата. Пецаков посочува дека на крајбрежјето треба да се урива, а во останатиот дел од градот е дозволиво да се конфискуваат дивоградбите.

„Има дел во Охрид каде ќе мора да се урива“, посочи Пецаков, мислејќи на делот каде УНЕСКО не гледа друго решение за да Охрид го зачува статусот.

Општина Охрид има 11.585 предмети, според ревизорскиот извештај од 2021 година.

За „Шанса за Центар“ ова е популистичко решение

Граѓанската иницијатива смета дека конфискацијата на дивоградби е популизам. Тие се децидни дека институциите покажуваат немоќ пред решенијата.

„Градењето по нелегални планови создава нелегални објекти, кои очигледно веќе преќутно се прифаќаат, па по оние планови од 2012 година, денес се развива центарот на градот. Но, ако плановите порано морале да имаат обележани црвени точки врз секој нелегален објект, денес и тоа го нема, па вклопувањето и легализирањето стана поважен и позастапен механизам отколку спроведувањето на закони“, објавија од „Шанса за Центар“ на социјалните мрежи.

И Центар како и другите општини има проблем со нелегални градби. Дел од нив се и на Водно. Тоа што не е градено според заон, центарци се обидуваат да го легализираат.

Градоначалникот на Кисела Вода рамо до рамо со Герасимовски

Конфискацијата како решение за дивоградбите е поддржано и од Орце Ѓорѓиевски, градоначалник на Кисела Вода. Тој смета дека подобро е да се конфискува отколку да се урива. Кисела Вода е децидна дека ваква инцијатива ќе ги замисли оние кои градат дивоградби, дали сакаат истото да го прават и во иднина.

Архитектот Грчев порача: Ова нема врска со реалноста

Мирослав Грчев, истакнат архитект, смета дека решението кое го предлага Горан Герасимовски е неостварливо. Дециден е дека истото не може да се спроведе ниту преку закони. Решението го гледа во инспекциите, а за дивоградбите смета дека имаат подобар статус од легалните градби.

Согласно иницијативата, во постоечкиот закон потребно е да се вметнат одредби каде што при утврдување дека објектот, предмет на постапката за легализација, отстапува од правилата предвидени во конкретниот закон, да се упати на постапка за ре-употреба. Неопходно е да постојат одредби кои при констатирање дека објектот, предмет на постапката за легализација, претставува објект кој е изграден надвор од законски предвидениот рок (после 2011 година), и кој не претставува објект предвиден за легализација согласно Законот. Со измените, истиот со акт ќе се одбие и упати на постапка за конфискација согласно Закон за управување со конфискуван имот, имотна корист и одземени предмети во кривичната и прекршочна постапка.

Можете да прочитате

Директорот на БЈБ Јанев во работна посета на СВР Тетово       

Николоски: До 2026 година ќе имаме нови модерни гранични премини на Деве Баир и Ќафасан

Министерството за здравство излезе со детали за починатото бебе