Утрински Весник
Балкан

Комарците носат нова закана во Грција – 21 лице заразено со вирусот Западен Нил

Virus.jpg

Грчките здравствени власти алармираат за зголемен број случаи на вирусот Западен Нил, откако во земјата се регистрирани вкупно 21 заразено лице, а дури 14 од нив се потврдени во текот на изминатата седмица.

Според најновиот неделен извештај на Националната организација за јавно здравје на Грција (ЕОДИ), кај речиси сите заразени се развиле сериозни компликации кои го зафаќаат централниот нервен систем.

Од вкупно 21 случај, кај 20 пациенти биле дијагностицирани енцефалитис, менингитис или акутна блага парализа, додека само едно лице имало полесна клиничка слика без посериозни невролошки симптоми.

Поради сериозноста на состојбата, 13 пациенти се хоспитализирани и се под лекарски надзор.

Најголемиот број заразени се регистрирани во регионот Атика, односно во поширокото подрачје на Атина, каде се евидентирани 19 случаи. Останатите два случаи се потврдени во областа Тесалија.

Првиот случај на вирусот Западен Нил во Грција за оваа летна сезона беше потврден на почетокот на месецов, а бројот на заболени продолжува да расте.

Грчките здравствени власти потсетуваат дека вирусот се пренесува преку каснување од заразени комарци и дека неговата појава е вообичаена во летниот период. Најтешката година за Грција беше 2018 година, кога беа регистрирани 317 заболени лица и дури 51 смртен случај.

Надлежните апелираат граѓаните, но и туристите кои престојуваат во Грција, да преземат мерки за заштита од комарци, особено во вечерните часови и во близина на водени површини.

Можете да прочитате

Невреме во регионот – Гром усмрти околу 30 овци во БиХ, предизвикан и шумски пожар кај Макарска

Вучиќ најави дека изборната кампања ќе ја води со личниот автомобил

Ердоган: Турција никогаш нема да ги остави кипарските Турци сами во нивната праведна борба