Утрински Весник
Свет

Кинеските царини за млечните производи од ЕУ се неправедни и неоправдани, оцени ЕК

Mlecni proizvodi.webp.webp
Cevahir mall aerodrom pulsira vol 4 vfinal 300x300px baner

Европската комисија смета дека одлуката на Кина за воведување привремени „контра-давачки“ за увозот на млечни производи од Европската Унија е неправедна и неоправдана, изјави денеска заменикот главен портпарол на ЕК, Олоф Гил.

Кина денеска соопшти дека воведува времени царини за увозот на некои млечни производи од ЕУ, вклучувајќи разни видови сирење, млеко и павлака, кои ќе се движат од 21,9 до 42,7 отсто. Овие царини стапуваат во сила од утре и ќе важат до затворење на поведената кинеска истрага за влијанието на субвенциите на ЕУ за финансиска поддршка за земјоделците, што се очекува да заврши во февруари следната година.

– Проценката на Комисијата е дека истрагата се базира на сомнителни наводи и недоволни докази и дека мерките се неправедни и неоправдани. Во моментов Комисијата ја испитува прелиминарната одлука и ќе им одговори на кинеските власти, рече Гил, додавајќи дека рокот за завршување на истрагата, „доколку го има“, и за изрекување на конечните мерки е 21 февруари 2026 година.

Гил најави и дека Европската комисија врз основа на сите достапни информации ќе изврши проценка за усогласеноста на кинеските мерки со правилата на Светската трговска организација (СТО), како и дека веќе презела мерки во СТО против започнувањето на истрагата за млечните производи од страна на Кина.

– Правиме сè што е потребно за да ги заштитиме земјоделците и извозниците од ЕУ, како и Заедничката земјоделска политика, од неправедната употреба на инструментите за трговски протекционизам од страна на Кина. Како и секогаш, Комисијата ќе ги преземе сите потребни чекори за да ги одбрани правата на европските производители, додаде Гил.

Инаку, ова е втор кинески пакет царини кон производи од ЕУ последниве денови, откако минатата недела Министерство за трговија на Кина воведе царина од 19,8 проценти и за увозот на свинско месо од Унијата.

Според Гил, целокупните трговски односи меѓу ЕУ и Кина се комплексни и повеќеслојни и ваквите мерки преземени од страна на Пекинг, Унијата ги смета за многу негативен развој на настаните.

– Ние остануваме посветени на зајакнување на трговските, економските и инвестициските односи меѓу ЕУ и Кина од заемна корист. Но, за да се оствари некакво значајно постигнување, постои листа на прашања и загрижености што Европската Унија ги има со месеци, па дури и години наназад, и бара од Кина да ги надмине, а се поврзани со презаситеноста на пазарот со стоки, неправедната употреба на трговски механизми и со трговскиот дефицит. Затоа со нетрпение очекуваме Кина да преземе значајни активности во врска со тие прашања и да се отвори можноста за унапредување на нашите целокупни односи на позитивен начин, додаде Гил.

Кинеската истрага за млечните производи од ЕУ е реакција на истрагата иницирана од страна на ЕК која утврди дека Кина неправедно ги субвенционира своите компании со што ги доведува во поповолна позиција на пазарот во однос со производителите од други држави, вклучително и од ЕУ.

Гил додаде дека се водат преговори на експертско ниво меѓу ЕУ и Кина за можноста за изнаоѓање решение за надминување на трајните ефекти идентификувани во истрагата на Комисијата за кинеските субвенции, како времена мерка додека не се најде дефинитивно соодветно решение за прашањето со субвенциите.

Можете да прочитате

Кина: САД „сериозно го кршат“ меѓународното право со запленувањето бродови

Израелската влада го затвора Военото радио

Премиерите на Данска и Гренланд го повторија барањето до САД за почитување на нивните граници