Утрински Весник
Свет

Кина: Повлекувањето на САД од меѓународни организации го разнишува глобалниот поредок

Kina.webp.webp

Одлуката на американскиот претседател Доналд Трамп за повлекување на САД од 66 меѓународни организации, според кинеските аналитичари, сериозно го погодува глобалниот систем на управување и носи долгорочни последици за американското лидерство, отворајќи вакуум во области како климата и безбедноста. Портпаролката на кинеското Министерство за надворешни работи, Мао Нинг, оцени дека ваквите потези на Вашингтон не се изненадување, но предупреди дека го поткопуваат мултилатералниот поредок со Обединетите нации во центарот.

„Само функционален мултилатерален систем може да го спречи ‘ширењето на законот на џунглата’ и враќањето на ‘правото на посилниот’ и логиката дека ‘силата е правда’“, порача Мао.

Трамп во средата потпиша извршна наредба со која се суспендира американската поддршка за 31 агенција на ОН и уште 35 други организации, за кои Белата куќа наведува дека дејствуваат спротивно на американските национални интереси, безбедноста и суверенитетот. Меѓу погодените се и тела поврзани со климата, трудот и миграциите, вклучително и Рамковната конвенција на ОН за климатски промени, која е основа на главните меѓународни климатски договори. Овој чекор следи по претходното повлекување од Парискиот договор.

Ли Шоу, директор на Кинескиот климатски центар при Asia Society Policy Institute, оцени дека станува збор за „тежок удар врз глобалната климатска акција“ и најсериозен предизвик за меѓународните напори од усвојувањето на Парискиот договор. „Како може да се реши глобалната криза без учество на највлијателната светска сила?“, праша Ли. Експертот за меѓународни односи Шен Дингли од Шангај истакна дека ваквиот пристап произлегува од политиката „Америка на прво место“, при што меѓународните организации се користат кога се корисни, а се напуштаат кога тоа повеќе не е случај.

Можете да прочитате

Русија доби покана за учество на Самитот на Г20 во САД

За една година удвоен бројот веб-страници што продаваат материјали со сексуална злоупотреба на деца

Нафтата поскапува трет ден последователно, берзите вознемирени поради кревкото примирје на Блискиот Исток